logo
logo
logo

Нова теорија: Вулканска ерупција предизвикала домино-ефект и ја донела чумата од 14 век во Европа

Vecer | 18.12.2025

Нова теорија: Вулканска ерупција предизвикала домино-ефект и ја донела чумата од 14 век во Европа

 Со предизвикување постуден  период на Медитеранот, ерупцијата создала домино-ефект што довел до уништување на земјоделските производи, поради што трговците биле принудени да увезуваат жито преку Црното Море, а со тоа и да ја рашират бубонската чума.

Оваа чума, наречена „Црна смрт“ се раширила низ Европа во 1347 година погодувајќи ги италијанските пристаништа.  Во наредните години, болеста се проширила низ целиот континент, предизвикувајќи смрт меѓу 30 и 60 проценти од населението, пренесува „РТС“.

Историчарот Мартин Бау, од Институтот за историја и култура на Источна Европа во Лајбниц, Германија, го поставува прашањето: Како и зошто „Црната смрт“ стигнала дури до Италија преку Црното Море, и токму во тој момент?

Бау и географот од Универзитетот во Кембриџ, Улф Бинтген, со истражување на климатските промени на Медитеранот го објаснуваат ненадејното појавување на пандемијата. Истражувањето е објавено во списанието „Комјуникејшнс Ерт енд Енвајронмент“ (Communications Earth & Environment).

При проучувањето на историските извори, научниците забележале дека меѓу 1345 и 1349 година во делови од Азија и Европа е забележана намалена сончева светлина, зголемена облачност и лунарно затемнување, и сето тоа е резултат на голема вулканска ерупција и истовремено појавување и распространување на пандемијата. 

Според палеоклиматските податоци, откриено е големо количество сулфур во поларните замрзнати слоеви, што укажува на една или повеќе ерупции на дотогаш непознат вулкан.

Според истражувањето на научниците е откриено дека летата во 1345, 1346 и 1347 година биле значително постудени од вообичаеното, додека есенските периоди биле многу повлажни, што предизвикало ерозија на почвата и поплави, што довеле до намалување на жетвата, вклучувајќи ја бербата на грозје и производството на жито во Италија. Поради тоа трговците почнале да увезуваат жито од регионот на Црното Море, со цел да го спречат гладот.

На тој начин, италијанските трговци ја пренеле и рашириле чумата, посочуваат авторите на научниот труд.

Првите случаи на чума кај луѓето биле регистрирани во Венеција само неколку недели по пристигнувањето на последните бродови со жито.

Така започнал ланецот на инфекцијата: најпрво се заразуваат глодарите, а откако ќе изумрат, нивните болви преминуваат на други цицачи, а на крај и на луѓето, објаснува Бау.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk