Купија куќи во најубавата населба на светот, но вистината е сурова: забрането им е да живеат таму.
Брондби Хавеби е градинарска општина каде што постојаниот престој е законски забранет, па затоа повеќето сопственици престојуваат таму исклучиво од април до октомври.
Данскиот закон дозволува само пензионери кои се сопственици повеќе од осум години официјално да живеат во овие куќи во текот на зимските месеци.
Куќите се распоредени во кругови со заеднички центар за да се насочат соседите едни кон други и да се прекине класичното урбано отуѓување.
Кога ќе ги видите фотографиите од оваа населба на социјалните мрежи веднаш се забележувааат совршени зелени кругови, снимени со дрон.

Станува збор за Брондби Хавеби (Brondby Haveby), таканаречениот „Град-градина“ во предградието на Копенхаген. Тој се состои од 284 куќи распоредени во математички прецизни кругови, а правилата за престој таму се прилично специфични.
Најголемата заблуда од интернет е дека луѓето живеат тука преку целата година. Брондби Хавеби е всушност градинарска општина, односно населба со колиби.
Законот во Данска е доста јасен овде: не можете да регистрирате постојана адреса во овие куќи. Населбата е замислена како сезонско бегство од градот, па затоа повеќето сопственици престојуваат таму исклучиво од 1 април до 1 октомври.
Во текот на зимата, комуналните услуги како што е водата се исклучуваат за да се спречи пукање на цевките од мраз, и целото место природно запаѓа во тишина. Сепак, постои еден интересен законски исклучок.
Државата им дозволува на пензионерите кои ги поседуваат овие куќи повеќе од осум години да престојуваат во нив во текот на зимата, под услов да имаат изолација и обезбедено греење. За сите други, ова е чисто летна оаза.
Населбата се состои од дванаесет големи кругови, а урбанистичкиот план е осмислен така што природно ве поттикнува на комуникација со луѓето околу вас. Секој круг има заеднички центар кој служи како паркинг и мал плоштад.
Од тој центар, како сончеви зраци, се шират оградите што ги разграничуваат имотите. Токму затоа секоја парцела има форма на дијагонално исечено парче пица – многу е тесна на самиот влез од плоштадот, а се шири кон надворешниот раб на кругот, каде што се наоѓа приватниот дел од дворот.
Идејата на архитектот беше да се избегне класичната изолираност на модерните предградија, каде што секој гледа само во сопствениот двор. Овде, кога одите до автомобилот или ја фрлате ѓубрето, минувате низ заедничкиот центар и невозможно е да не сретнете соседи. Резултатот е место каде што луѓето спонтано се среќаваат, разменуваат садници и ги поминуваат летните месеци заедно.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата