Заморот е честа појава, а докторката Пунам Кришан предупредува дека не би требало да го игнорираме. Гостувајќи во „Morning Live“, таа ја објасни разликата помеѓу „нормален замор“ и исцрпеност, што може да укажува на здравствен проблем, објавува Express.co.uk.
„Зборувам за онаа состојба кога се чувствувате потполно исцрпено и скршено, без оглед колку одморате, и не знаете зошто сте постојано уморни“, вели докторката. Таа додаде дека причината може да биде недостаток на витамини, ниско ниво на железо, проблеми со тироидната жлезда или шеќер во крвта, но и посериозни болести.
Многу луѓе го одложуваат одењето на лекар и ги игнорираат симптомите
Д-р Пунам нагласи дека при долготраен замор важно е да се направат крвни анализи и медицински преглед. Британскиот здравствен сервис препорачува да се јавите на лекар ако заморот трае со недели без јасна причина, ви пречи во секојдневниот живот или е поврзан со симптоми како што се необјаснето губење на тежината, промени во расположението, гласно 'рчење или гушење за време на спиењето. Докторката, исто така, предупредува на други алармантни знаци, вклучувајќи појава на грутки, крварење и продолжена кашлица.
Таа е особено загрижена што многу луѓе го одложуваат одењето на лекар и ги игнорираат првите симптоми на болеста. „Понекогаш пациентите доаѓаат кај мене и велат: „О, почна пред шест месеци“. Знаете што, ако не контактиравте пред шест месеци, исходот од третманот можеше да биде значително различен“, предупредува таа.
Таа, исто така, упати посебен апел до жените и луѓето кои се грижат за другите, бидејќи тие честопати го занемаруваат сопственото здравје. „Колку порано реагираме, колку побрзо ги препознаеме почетните симптоми и преземеме соодветни чекори, толку подобар е исходот за нас“, заклучува докторката.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата