Пролетта не носи налет на енергија кај сите; кај многумина всушност се јавува спротивен ефект. Промената на ритамот, повеќе светлина и температурните осцилации можат да предизвикаат замор, поспаност и пад на концентрацијата, особено ако притоа се борите и со сезонски алергии. Во овој период, на организмот честопати повеќе му прија блага стимулација отколку силни напитоци, а токму тука на сцена стапуваат билните чаеви.
Комбинацијата од ѓумбир и нане спојува затоплувачко и освежувачко дејство, па делува како природен „рестарт“ за телото. Додека ѓумбирот ја поттикнува циркулацијата и дава чувство на топлина и енергија, нането освежува и ги разбиструва мислите, што ја прави оваа мешавина идеална за деновите кога ви треба благ поттик без нагли скокови и падови на енергијата.
Ароматичен чај од ѓумбир и нане
Потребно ви е (за една шолја):
- 2-3 тркалца свеж ѓумбир
- една рака свежо нане (или една лажичка суво)
- неколку капки сок од лимон
- прстофат цимет или куркума (по желба)
Подготовка:
Благо притиснете го или изгмечете го ѓумбирот за да пушти сок, па заедно со нането прелијте го со врела вода. Поклопете и оставете да отстои 10-15 минути. На крајот додајте го лимонот, а по желба и прстофат цимет или куркума за дополнителен антиоксидативен ефект. Медот се додава дури откако чајот малку ќе се излади.
Кога и како да се пие?
Најдобро е да се пие наутро или пред пладне, кога на организмот му е потребен најголем поттик, но не е грешка да го испиете и попладне, ако токму тогаш се чувствувате уморно. Можете да го пиете и по оброк, бидејќи го олеснува варењето и го намалува чувството на подуеност и тежина. Една до две шолји дневно се сосема доволни за да се почувствува ефектот без оптоварување на организмот.
Зошто оваа комбинација „функционира“?
Ѓумбирот благо ја забрзува циркулацијата и му помага на организмот да се „покрене“, поради што често се користи кај чувство на замор и исцрпеност. Неговите активни соединенија имаат и противвоспалително дејство, што дополнително придонесува за општото чувство на виталност.
Нането (ментата) делува на поинаков начин – освежува и ја поттикнува менталната будност, но и го смирува дигестивниот тракт. Токму таа комбинација на топол и освежувачки ефект го дава балансот кој на многумина им прија во периодот на сезонски замор.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата