„Дали некогаш сте се запрашале која е вистинската тајна на луѓето кои доживуваат длабока старост, а притоа ја задржуваат бистрината на умот и виталноста на телото? Д-р Шигеаки Хинохара не само што теоретски ја проучувал долговечноста, туку и самиот стана нејзин жив симбол, работејќи со полна енергија до својата 105-та година. Неговите совети не се само медицински насоки, туку длабоки животни лекции кои можат да го променат начинот на кој гледате на светот.“
Шигеаки Хинохара почина на 18 јули 2017 година, во 105-тата година од животот, а во наследство на целиот свет му остави многу вредни лични сознанија за недофатливата тајна на долговечноста.
Речиси до самата смрт, д-р Хинохара работеше во болница, лекуваше пациенти и им предаваше на студентите на факултетите.
Ова се неговите 10 златни совети за постигнување долг, здрав и квалитетен живот:
1. Енергијата доаѓа од тоа што се чувствуваме добро, а не само од здравата исхрана и многу спиење
„Сите се сеќаваме како како деца, забавувајќи се, често заборававме да јадеме или да спиеме. Верувам дека можеме да го задржиме тој став и како возрасни лица. Најдобро е да не го заморуваме телото со премногу правила, како на пример, точно одредено време за ручек или спиење“, објаснуваше д-р Хинохара.
2. Чувајте се од дебелина!
Докторот постојано нагласуваше дека сто години доживуваат лицата кои немаат вишок килограми, па затоа треба да се внимава на тежината и физичката кондиција. Не треба да се оптеретувате со исхраната, но сепак треба да водите сметка да не се прејадувате. Тој, на пример, за појадок пиел кафе, чаша млеко и сок од портокал со една лажичка маслиново масло. Верувал дека ова масло е одлично за крвта и кожата.
3. Планирајте однапред!
Хинохара секогаш имал полн распоред за една година однапред, а планирал дури и подалеку во иднината. Така, како што велеше – многу им се радуваше на Олимписките игри во Токио 2020. За жал, не ги доживеа, но неговиот став кон животот и плановите зборува колкав оптимист бил, што е исто така многу важна ставка за долговечноста.
4. Не мора да одите во пензија ако не сакате
„По 65-тата година почнав да волонтирам. Предавам и обиколувам пациенти, дури и по 18 часа на ден и уживам во секоја минута од мојата работа“, велеше Хинохара. Доколку човекот сака уште да работи – нека работи. Доколку не сака, нека оди во пензија и нека се посвети на она што сака да го прави.
5. Споделувајте го знаењето и вештините со другите
Хинохара годишно одржуваше околу 150 предавања. Им предаваше на сите – од деца во училиште до сериозни претприемачи и доктори. Секогаш стоеше додека зборуваше, а предавањата понекогаш му траеја и по 90 минути. Имаше обичај да каже дека стоењето го прави посилен.
6. Не верувајте му на сè што ќе каже докторот
Д-р Хинохара сметаше дека докторите не можат да ја излечат секоја болест и секој пациент. Им предлагаше на луѓето, кога докторот ќе им препише терапија или некој преглед, да го прашаат дали истото би го препорачал и на своите најблиски. Доколку одговорот е негативен, зошто да се изложувате на непотребен стрес и патење? Веруваше дека животните и музиката имаат големо влијание врз оздравувањето, многу поголемо отколку што мисли медицината.
7. Секогаш користете скали и сами носете го багажот
За да останете здрави и витални, заборавете на лифтот. Секогаш и насекаде одете по скали и трудете се сами да го носите својот багаж. Хинохара цел живот одеше по скали и секогаш прескокнуваше по едно скалило. Скалите и одењето се секојдневна вежба за вашето срце и целото тело.
8. Надахнувајте се секој ден, пронајдете инспирација
Читајте, пронајдете во литературата писатели кои ве инспирираат. Така правеше и Хинохара. За него најинспиративна беше песната на Роберт Браунинг – „Abt Vogler“. Не мора да се задржите само на литературата. Слушајте музика, уживајте во ликовната уметност, шетајте во природа...
9. Болката е мистериозна
Најефикасен начин да се совлада болката е преку забава. Кога детето ќе се удри, објаснуваше Хинохара, ќе плаче сè додека вниманието не му го окупира нешто друго. Тогаш ќе заборави на болката. Така треба да прават и возрасните луѓе. Болката треба да се „удави“ во забава! Сметаше дека во болниците треба да се донесат терапевтски кучиња и други животни, како и музика која ќе им помогне на пациентите да се справат со болката.
10. Не собирајте материјални нешта
„Не го трошете животот на собирање материјално, бидејќи и онака ништо нема да понесете со себе кога ќе умрете“ – беше едноставен Хинохара во последниот од десетте златни принципи за долговечност.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата