Најбогатиот Украинец и сопственик на енергетската компанија ДТЕК, Ринат Ахметов, стана сопственик на најскапиот стан во историјата купен за лични потреби. За оваа луксузна недвижнина во Монако тој потрошил неверојатни 554 милиони долари, односно 472 милиони евра.
Според информациите на „Блумберг“, станува збор за грандиозен апартман кој се простира на пет ката и зафаќа површина од 2.500 метри квадратни. Објектот располага со 21 соба, приватен базен, џакузи и осум паркинг места. Апартманот е лоциран во елитната населба Маретера на самиот брег на морето, комплекс кој во 2024 година беше свечено отворен од кнезот Алберт Втори и веднаш стана магнет за најбогатите инвеститори во светот.
Доколку оваа цена и официјално се потврди, трансакцијата ќе влезе во историјата како најскапа продажба на станбен имот досега. Со оваа сума Ахметов ги надмина претходните рекорди, вклучувајќи ја продажбата на вилата на Ник Кенди во Лондон за 350 милиони долари, како и купувањето на пентхаус во Њујорк од страна на Кен Грифин за 240 милиони долари.
Оваа набавка предизвикува голем интерес во јавноста и поради контекстот во кој се случува. Имено, Ахметов располага со огромно богатство и инвестира во екстремен луксуз во период кога инфраструктурата на неговата компанија ДТЕК е сериозно оштетена поради војната во Украина, додека истовремено неговите бизниси добиваат финансиска помош од европските фондови за обнова.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата