logo
logo
logo

Загина музичарот Оливер Три

ТРАГЕДИЈА ВО БРАЗИЛ, во хеликоптерска несреќа 6 жртви

Vecer | 15.06.2026

ТРАГЕДИЈА ВО БРАЗИЛ, во хеликоптерска несреќа 6 жртви

Американскиот музичар Оливер Три загина во хеликоптерска несреќа во Бразил на 32-годишна возраст, според извештаите. Два хеликоптера се судрија над Рио де Жанеиро во неделата наутро и се урнаа во западната зона на градот, при што загинаа сите шест лица кои се наоѓаа во нив, вклучувајќи го и Три, јавија неколку бразилски медиуми. Воената противпожарна служба на Рио де Жанеиро соопшти дека едниот од хеликоптерите се урнал врз автосалон каде што биле паркирани неколку електрични возила, што предизвикало пожар кој подоцна бил изгаснат. Официјалните лица соопштија дека во тек е истрага со која ќе се утврди причината за сударот. Три, 32-годишник кој престојуваше во Бразил во рамките на својата светска турнеја, се наоѓал во едниот од хеликоптерите што се урнаа, при што загинаа сите лица во леталаа, изјави полициски извор за АФП.

Алтернативниот пејач и интернет личност беше наведен како едно од шесте лица на списоците со патници на двете летала споделени од изворот, кој рече дека жртвите сè уште не можат формално да се идентификуваат бидејќи се тешко изгорени во несреќата. Меѓу патниците кои биле со пејачот имало бразилски музички продуцент, аргентински режисер на спотови и аргентинскиот јутјубер Гаспар Прим, познат на интернет како Гаспи, пишува „Гардијан“.

Хеликоптерите се судриле во воздух над западното предградие Рекреио дос Бандеирантес, пред да се урнат на паркингот на автосалон за електрични автомобили и да запалат околу 20 автомобили, според наводите на противпожарната служба. Во едниот хеликоптер имало пет лица, а во другиот само пилотот. Никој не преживеал. Три, препознатлив по својата карактеристична фризура и интернет имиџ, беше познат по песните меѓу кои се „Life Goes On“, „Miss You“ и „Alien Boy“. На Спотифај (Spotify) тој има повеќе од 11 милиони месечни слушатели, а неговите најпопуларни песни се преслушани повеќе од 700 милиони пати. За време на светската турнеја требаше да одржи повеќе од 70 концерти во 30 земји на седум континенти. Тој настапи во Буенос Аирес, Аргентина на 4 јуни, а во саботата на Инстаграм сподели видео во кое игра фудбал во една бразилска населба.

Во 2024 година беше номиниран за наградата „Брит“ (Brit Award) во категоријата за меѓународна песна, заедно со германскиот продуцент Робин Шулц за нивната песна „Miss You“. Песната го достигна третото место на британската топ-листа за синглови. Во 2020 година го собори Гинисовиот светски рекорд за најголем тротинет, висок 4,16 метри и долг 3,13 метри. Според интернет-страницата на Гинисовата книга на рекорди, овој потфат бил остварен за да си го „исполни животниот сон“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk