Европа се соочува со огромен предизвик во зачувувањето на своите водни ресурси, каде што покрај врвните резултати во некои земји, сепак над 20% од водите во ЕУ имаат лош хемиски статус, пишува „Еуроњуз“.
Присуството на тешки метали како жива и кадмиум ги надминува дозволените граници поставени од европските директиви, што создава огромен притисок врз екосистемите и буџетите. Само процесот на прочистување на нитратите, кои најчесто потекнуваат од вештачките ѓубрива во земјоделството, ја чини Европската Унија фрапантни 320 милијарди евра годишно. Иако границата за нитрати е поставена на 50 милиграми по литар, таа е надмината во дури 14% од мерните станици за подземни води на континентот.
Сепак, инвестициите во санитација даваат резултат. Според Индексот за заштита на животната средина (EPI), дури 19 од 20 земји со најдобра санитација и питка вода во светот се европски.
Финска, Исланд, Холандија, Норвешка, Швајцарија и Обединетото Кралство постигнаа максимални 100 бодови за заштита на здравјето од несигурна вода. На спротивната страна, најлошо рангирани на континентот се Молдавија, Грузија и Албанија, додека во рамките на ЕУ, најниски оценки за квалитетот на водата добија Романија, Литванија и Латвија.
Подземните води се клучни за опстанокот бидејќи обезбедуваат 65% од водата за пиење и 25% од наводнувањето во ЕУ. Затоа, Унијата воведе нови механизми за следење на супстанции кои го попречуваат ендокриниот систем и ги имитираат хормоните во човечкото тело. Истражувачите од „Water Atlas“ предупредуваат дека илузијата за реките кои „самите се чистат“ одамна исчезна, оставајќи зад себе токсични септички јами. Глобалниот податок дека 80% од отпадните води во светот се испуштаат непречистени, останува аларм за итно дејствување и во Европа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата