logo
logo
logo

АЛАРМАНТНО ИСТРАЖУВАЊЕ ВО ЕУ

КОКТЕЛ ОТРОВИ ВО ОМИЛЕНОТО ОВОШЈЕ - Јагоди полни со забранета хемија

Vecer | 07.07.2026

КОКТЕЛ ОТРОВИ ВО ОМИЛЕНОТО ОВОШЈЕ - Јагоди полни со забранета хемија

Омиленото пролетно овошје на милиони деца и возрасни ширум Европа се наоѓа во центарот на голем скандал. Новото истражување спроведено од невладината организација „ПАН Европа“ (PAN Europe) и нејзините партнери открива дека јагодите произведени во Европската Унија се сериозно контаминирани со коктели од високотоксични пестициди.

Бројките од лабораториските анализи се застрашувачки: во дури 58% од мострите се откриени т.н. PFAS пестициди (познати како „вечни хемикалии“).

Хормонски нарушувања и забранета хемија

Најчесто идентификувани супстанции во јагодите се флудиоксонил и ципродинил. Станува збор за два силни ендокрини диструптори (супстанции кои го нарушуваат хормонскиот систем) кои, според законите на ЕУ, веќе требало да бидат строго забранети.

Дополнително, повеќе од половина (56%) од пронајдените пестициди спаѓаат во групата на „поопасни пестициди“, кои според планот требаше целосно да бидат исфрлени од употреба уште во 2011 година.

Белгија и Унгарија на црната листа

Истражувачите тестирале 41 примерок на јагоди во 11 земји од ЕУ (36 од конвенционално производство, 4 органски и една со етикета „без пестициди“). Резултатите ги згрозиле и самите научници.

„Бевме збунети од бројот на различни хемикалии во само еден примерок. Во јагодите купени во Белгија пронајдовме дури девет различни остатоци од пестициди! Во Унгарија беа пронајдени осум, а во Ирска седум. Јавноста мора да знае дека регулаторните тела воопшто не го проверуваат влијанието на овие токсични коктели врз здравјето“, предупредува Гергели Симон од „ПАН Европа“.

Дополнителен страв влева и фактот што неодамна беше докажано дека метаболитот TFA, кој се наоѓа во овие пестициди, е класифициран како „токсичен за репродукција од категорија 1Б“, што значи дека директно може да го загрози потомството.

Додека граѓаните се трујат, Брисел прави отстапки за профит?

Европската комисија за безбедност на храна (EFSA) уште од 2005 година има задача да развие методологија за проценка на ризикот од ваквите „хемиски коктели“, но до ден-денес нема развиено сеопфатен систем.

„Ова е скандал и предавство на граѓаните, особено на најранливите групи како што се децата и трудниците! Наместо да ги штитат луѓето, Европската комисија, Парламентот и Советот моментално дискутираат за олабавување на правилата за безбедност на храната, играјќи ја играта на моќното лоби за пестициди“, изјави д-р Мартин Дермин, извршен директор на организацијата.

Има ли позитивен пример?

Сепак, не е сè така црно. Примероците земени од Франција и Холандија содржеле многу малку или речиси никакви пестициди. Ова докажува дека со правилно и интегрирано управување со штетниците, употребата на отрови може да се намали за дури 90%, што директно ги побива тврдењата на големите корпорации дека „производството на храна е невозможно без тешка хемија“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk