Почина хрватската писателка и колумнистка Ведрана Рудан. Имаше 76 години.
Родена е во Опатија на 29 октомври 1949 година. Позната е по својот остар, провокативен и често контроверзен стил. Во своите текстови и јавни настапи со години без задршка ги коментираше политиката, општеството, медиумите, бракот, семејството и положбата на жените, поради што редовно предизвикуваше силни реакции во јавноста. Автор е на низа романи и збирки колумни, а нејзините дела се преведувани и објавувани и надвор од Хрватска.
„Ведрана замина на подрачје без сигнал“, беше објавено на нејзината официјална страница.
Минатата година во март Ведрана Рудан гостуваше во емисијата на Александар Станковиќ „Недељом у 2“ каде што проговори за својата болест.
„Јас сум бесмртна“ На крајот од емисијата таа порача: „Сакам да кажам дека има многу луѓе кои ме сакаат и дека јас ги сакам нив. И дека сум бесмртна. Нека мојата смрт ја сфатат како заминување на подрачје без сигнал.“
Тогаш откри и дека има исклучително агресивен рак кој се нарекува рак на жолчните канали и многу тешко се открива.
Првиот роман го објави во 2002 година
Завршила хрватски и германски јазик на Педагошката академија во Риека, а во текот на животот работела како наставничка, туристички водич, новинарка, уредничка на Хрватското радио и телевизиска водителка. На пошироката публика ѝ стана особено позната на почетокот на 2000-тите, кога се афирмираше како книжевничка. Нејзиниот прв роман Уво, грло, нож беше објавен во 2002 година и остана едно од нејзините најпознати дела. Во своите книги и колумни често пишува за семејството, положбата на жените, насиството, бракот, сексот, староста, смртта, национализмот, политиката, Црквата, сиромаштијата и општественото лицемерие. Нејзините дела се преведени на низа јазици, а драматизации на нејзините книги се изведувани во Хрватска и во странство.
Најпознати романи и книги
- Уво, грло, нож (2002) Роман со кој Рудан силно се проби на книжевната сцена. Уште во него се појавуваат обележјата по кои ќе остане позната – суров јазик, црн хумор, гнев и општествена критика.
- Љубов на последен поглед (2003) Роман за малтретирана жена која преку сопствената животна приказна зборува за насилството, бракот и односот меѓу мажот и жената.
- Црнци во Фиренца (2006) Приказна за семејство од Риека оптоварено со војната, економските проблеми, емиграцијата и нарушените семејни односи.
- Дабогда те мајка родила (2010) Еден од нејзините емоционално Петешки романи, во чиј центар е односот меѓу мајката и ќерката и последиците од трауматичното детство.
- Костури од округот Медисон (2012) Книга во која преку типичниот хумор и цинизам на Рудан се зборува за сексот, бракот, стареењето и меѓучовечките односи.
- Амаруши (2013) Роман за бракот, прељубата, семејството, невработеноста и заминувањата, раскажан преку перспектива на едно девојче.
- Маж во грлото (2016) Дело насочено кон тешкотиите во комуникацијата и неможноста за целосна блискост меѓу луѓето, дури и во најинтимните односи.
- Танц околу Сонцето (2019) Автобиографска книга во која Рудан пишува за детството, семејството, децата, внуците и сопствениот животен и професионален пат.
- Доживотна робија (2022) Роман за мајка и ќерка, смртта, семејната љубов и границата меѓу љубовта и емоционалното заробување.
Познати збирки колумни и текстови Освен романите, голем дел од опусот на Рудан го сочинуваат колумни и полемички текстови. Меѓу попознатите книги од тој тип се Јас неверничката (2005), Кога жената е курва / кога мажот е педер (2007), Страв од плетење (2009), Во земјата на крвта и идиотите (2013), Зошто пцујам (2015), Живот без крлежи (2018), Пудинг од ванила (2021) и Да се умре без стрес (2024).
Во тие текстови Рудан ги коментира хрватската политика, односите меѓу Хрватска и Србија, Црквата, национализмот, капитализмот, семејството, жените и мажите, медиумите, сиромаштијата, староста и сопствениот живот. Дел од нејзините поранешни колумни беа објавувани во „Ферал Трибјун“ и „Национал“, а подоцна и на нејзиниот блог.
Последните години во своите текстови сè почесто пишуваше и за болеста, стареењето и минливоста. И покрај промените на темите, го задржа стилот по кој со децении беше препознатлива: кратки реченици, иронија, пцовки, црн хумор и изразито личен поглед на општествените и политичките теми.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата