Титаник, брод пред своето време, потона на 15 април 1912 година во ледените води на Атлантскиот Океан. Еден детал и денес ги интригира научниците и историчарите: стаклените шишиња шампањ кои, повеќе од еден век по потонувањето, останаа целосно недопрени на дното на океанот. Дебатата меѓу историчарите и научниците повторно оживеа по страдањето на експерименталната подморница „Титан“ на компанијата „Ocean Gate“, која доживеа катастрофална имплозија на 18 јуни 2023 година за време на нејзиното спуштање кон остатоците од Титаник. Оваа трагедија повторно го актуелизираше прашањето кое со децении ја мачи научната јавност.

Како е можно високотехнолошко пловило, дизајнирано за екстремни длабочини, да се распадне во дел од секундата, додека кревките стаклени шишиња од 1912 година останале неоштетени на дното на океанот? Тие и денес лежат на длабочина од речиси четири километри, под незамислив притисок од околу 381 бар, што е еквивалентно на тежината на неколку десетици авиони распределена на површината на едно шише. Одговорот лежи во суптилната рамнотежа меѓу внатрешниот и надворешниот притисок, како и во неочекуваниот херој на оваа приказна – тапата од плута.
Игра на притисокот и физиката
За да разбереме како шишињата го избегнале уништувањето, прво мора да ја разбереме силата што им се заканувала – имплозијата. До имплозија доаѓа кога надворешниот притисок врз објектот е значително поголем од внатрешниот, поради што неговата структура се урива навнатре во обид да ги изедначи притисоците. Токму тоа се случило со деловите од трупот на Титаник во кои останал заробен воздух. Како што тонеле во сè подлабоките слоеви на океанот, надворешниот притисок на водата станал толку голем што на крајот ја згмечил нивната конструкција.

Шишињата со шампањ, сепак, имале една клучна предност. Јаглеродниот диоксид во шишето создава притисок од околу шест бари, што е приближно шест пати повеќе од атмосферскиот притисок. Модерните шишиња се дизајнирани да издржат и до 20 бари. Тој внатрешен притисок им обезбедил на шишињата почетна заштита во првиот дел од тонењето, сè додека надворешниот притисок не достигнал приближно иста вредност. Но, што се случувало при понатамошното спуштање кон дното?
Клучната улога на тапата од плута
На длабочина од 3.800 метри, притисокот достигнува вредност што ниту едно стаклено шише, без оглед на дебелината на стаклото, не би можело самостојно да ја издржи. Дури и стаклото со некое чудо да останело цело, огромната сила би ја втиснала тапата од плута во внатрешноста на шишето. Токму тука на сцена стапува клучниот процес – постепеното изедначување на притисокот.
Научниците сметаат дека, како што бродот тонел, сè поголемиот притисок на водата постепено ги собирал (компресирал) тапите од плута. Бидејќи плутата не е целосно непропустлива, морската вода полека навлегувала во шишињата. Овој процес се одвивал доволно бавно за внатрешниот притисок постепено да се зголемува, сè додека не се изедначил со надворешниот. Благодарение на тоа, стаклото никогаш не било изложено на нагла и голема разлика во притисокот која би предизвикала имплозија. Водата во шишето на крајот притискала врз неговите ѕидови со иста сила како и водата однадвор, чувајќи го шишето недопрено.

Иако е малку веројатно дека содржината на шишињата од Титаник денес е питка поради продорот на солената вода, слични случаи ни даваат увид во тоа каков би можел да биде нејзиниот вкус. Во 1998 година, од остатоците на шведски трговски брод, потопен во 1916 година во Балтичкото Море, беа извлечени две илјади шишиња шампањ „Heidsieck & Co. Monopole“ од бербата во 1907 година – истата марка и берба што се наоѓала и на Титаник.
По 82 години поминати во речиси идентични услови на темнина и ниски температури, експертите го опишаа шампањот како пијалак со „импресивна рамнотежа и прекрасна златна нијанса“, со сè уште зачувани меурчиња. Се чини дека морското дно, барем во теорија, нуди речиси идеални услови за стареење на виното. Остатоците од Титаник, како трагичен споменик на една ера, така станаа и најнеобичниот вински подрум во светот, чувајќи ја приказната не само за човечките судбини, туку и за тивок триумф на физиката над силите на природата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата