Од длабоки верски уверувања кои ги штитат планинските врвови, па сè до предели каде природата едноставно не дозволува преживување, Земјата љубоморно ги чува своите последни тајни. Погледнете кои се локациите кои најверојатно засекогаш ќе останат надвор од нашиот дофат.
Земја на Мери Берд, Антарктик
Сместена во Западен Антарктик, оваа област претставува еден од ретките вистински примери на „Тера нулиус“.
Изразот „ничија земја“ подразбира дека ова заледено пространство од 1,61 милион квадратни километри правно не припаѓа на ниту една држава.

Научниците проценуваат дека дури 99,6% од оваа област е сè уште недопрена дивина. Поради нејзината големина, која одговара на површината на Алјаска, како и поради екстремните климатски услови, многу делови воопшто не се детално истражени.
Регион на суптропски шуми, Мјанмар
Се простира на повеќе од 30.296 квадратни километри, преку планинското подрачје на крајниот север на Мјанмар, меѓу границите со Индија и Кина, и претставува една од последните „вистински дивини“ на Земјата.
Станува збор за едно од најголемите сочувани шумски подрачја во Југоисточна Азија, за кое се проценува дека е дом на околу 6.000 растителни и животински видови, од кои – се верува – многу не постојат никаде на друго место во светот.

Ова подрачје отсекогаш било исклучително непристапно и ретко населено со староседелски заедници, но пристапот беше дополнително ограничен во текот на шеесеттите години од минатиот век.
Како што политичките конфликти го зафатија Мјанмар, властите во текот на последните 70 години го затворија подрачјето за повеќето истражувачи.
Гангхар Пуенсум, Бутан
Тешките временски услови, оддалечената локација и недостатокот на прецизни мапи го прават искачувањето на оваа планина исклучително тешко, но тоа не е причината поради која нејзините врвови никогаш не се освоени.
Планината (7.570 метри) останува „недопирлива“ поради длабоко вкоренетите верски уверувања. Жителите на Бутан веруваат дека на врвовите живеат божества.

Во осумдесеттите години од минатиот век имало неколку обиди за искачување, но сите алпинисти се враќале од почит кон локалните обичаи.
Владата во 1994 година го забрани искачувањето над 6.000 метри надморска височина, а во 2003 година планинарењето беше целосно забрането.
Мачапучаре, Непал
Оваа света планина предизвикува восхит. Нејзините два величествени врва се издигнуваат 6.993 метри над заштитеното подрачје Анапурна на северот од земјата.
Според преданијата на локалниот народ Гурунг, планината е дом на богот Шива, едно од главните божества во хиндуизмот. Поради тоа, во текот на речиси целата човечка историја, таа останала речиси недопрена.

Британска експедиција во 1957 година добила дозвола за искачување, но запрела на 150 метри пред самиот врв, бидејќи на кралот на Непал му било ветено дека таму нема да згазне човечка нога. Оттогаш не се издавани нови дозволи за искачување.
Сума Ри, граница меѓу Пакистан и Кина
Врвовите Сума Ри I и Сума Ри II припаѓаат на планината Скил Брум. Се наоѓаат на границата меѓу Пакистан и Кина, а високи се 7.312, односно 7.302 метри.
Иако искачувањето не е официјално забрането, до денес нема потврдено успешно искачување.

Инаку, планината се наоѓа во чувствително подрачје, без патишта или планинарски патеки. Кога на тоа ќе се додадат глечерите, длабоките пукнатини во мразот и можните лавини, многу е веројатно дека овие врвови ќе останат неосвоени уште многу години.
Гакелов Гребен, Северноледен Океан
Ако се оддалечиме од планинските височини, длабочините на океаните кријат уште повеќе места кои човекот никогаш не ги допрел.
Стручњаците проценуваат дека се мапирани само 26-27% од океанското дно, како и дека луѓето непосредно истражиле едвај 0,001%.

Меѓу тие неистражени области, Гакеловиот Гребен веројатно е најнепристапното и најфасцинантно место. Станува збор за подводен вулкански планински синџир, долг 1.800 километри, кој се протега преку Евроазискиот Басен во Северноледениот Океан.
Се наоѓа на длабочина меѓу 4.600 и 5.100 метри. За разлика од Маријанскиот Ров, Гакеловиот Гребен во текот на целата година е покриен со речиси непробијна ледена плоча.
Сон Донг, Виетнам
Оваа џиновска пештера се наоѓа на 450 километри јужно од Ханој. Само досега мапираните делови опфаќаат волумен од 38,5 милиони кубни метри, поради што се смета за најголема во светот.
И покрај децениските истражувања, спелеолозите и понатаму откриваат нови тунели и сали скриени во нејзината внатрешност.

Иако главниот премин е детално мапиран, стручњаците веруваат дека многу подземни речни системи и странични премини сè уште не се откриени ниту истражени.
Сталагмитите во оваа пештера достигнуваат висина и до 70 метри. Во една подземна сала расте шума, постојат водопади, а се формираат дури и магла и облаци.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата