Лекар кој фотографирал и снимал стотици луѓе додека ги користеле болничките тоалети конечно ја призна вината за сериозна злоупотреба на довербата. Д-р Рајан Ји Чо (28) од Кројдон Хилс на истокот од Мелбурн, во четвртокот пред Прекршочниот суд во Мелбурн се изјасни за виновен по 13 споени обвиненија кои вклучуваат речиси 900 жртви, пренесува „Дејли Меил“.
Чо пред судот го криеше лицето од срам додека беше опкружен од медиумите, а по излегувањето не кажа ништо и побегна без никакво објаснување за своето однесување. Тој е пуштен со кауција до 23 ноември, кога ќе се појави пред Окружниот суд во Викторија на рочиште пред изрекување на пресудата. Тогаш тој за првпат би можел да даде објаснување за своите постапки кон несвесните жртви, од кои многумина го следеа рочиштето во четвртокот преку видео-врска.

Чо ја призна вината за обвиненијата кои вклучуваат правење интимни снимки, поставување оптички уреди за надзор, демнење и непостапување по полициска наредба за помош во истрагата. На судот беше соопштено дека постои сомнение оти Чо поседувал повеќе од 4.500 фотографии и околу 160 видеоснимки од своите жртви во различни состојби на соблеченост. Тој призна дека од 2020 година тајно снимал стотици луѓе во болничките бањи и тушеви во повеќе болници во Мелбурн. Се верува дека Чо целел на најмалку пет болници, меѓу кои „Остин“, „Кралската болница во Мелбурн“ и Центарот за рак „Питер Меккалум“.
Судот слушна дека обвинението за демнење се однесува на една жртва, која Чо без нејзина согласност ја снимил во 104 интимни видеа и 3.424 фотографии. Тој призна и дека „пристапил до нејзиниот имот и ги задржал нејзините лични документи и слики“. На Чо му се закануваат години затвор за кривичните дела извршени врз несвесните болнички колеги и граѓани. Сепак, тој засега останува на слобода откако неговите имотни родители платија кауција од 50.000 долари. Чо првично беше задржан во притвор, но беше пуштен по успешната жалба до Врховниот суд во Викторија. Тој беше уапсен на 10 јули, откако во тоалет за персоналот во болницата „Остин“ беше пронајден мобилен телефон скриен во мрежеста торбичка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата