Возачите во Европската Унија ги очекуваат големи промени во правилата за технички прегледи. Европскиот парламент планира да овозможи автомобилите да се прегледуваат и во друга држава членка на ЕУ, но истовремено одби да ги воведе почестите контроли за постарите возила.
Една од најважните измени е токму можноста за технички преглед во странство. Ова значително ќе им го олесни животот на граѓаните кои подолго престојуваат надвор од матичната земја. Доколку возилото го помине прегледот во друга ЕУ држава, сопственикот ќе добие привремена потврда која ќе важи шест месеци, по што редовниот преглед сепак ќе мора да се направи во земјата каде што е регистрирано возилото.

Од друга страна, одбиен е предлогот на Европската комисија според кој автомобилите и комбињата постари од десет години би морале да одат на технички преглед секоја година, наместо на две како досега. Пратениците сметаат дека оваа мерка е непотребен трошок за граѓаните и дека нема докази дека почестите прегледи ќе го намалат бројот на сообраќајни несреќи.
Новите правила носат и строги мерки против измамите со километражата кај половните автомобили. Автосервисите ќе имаат обврска да ја евидентираат километражата при секоја поправка што трае подолго од еден час, а податоците ќе се испраќаат во националните бази. Исто така, возилата кои не се одзвале на официјален фабрички повик за сервис поради некој дефект, во иднина нема да можат да поминат технички преглед.
Во редовните контроли ќе бидат вклучени и модерните безбедносни системи, како што се воздушните перничиња и автоматското кочење, а се воведуваат и построги проверки на издувните гасови при рутинските контроли на патиштата. Големите и електричните мотоцикли исто така повеќе нема да можат да бидат изземени од задолжителниот технички преглед.
Целта на овие измени е да се зголеми безбедноста на патиштата, но без да им се наметнува нов финансиски товар на граѓаните и малите бизниси. Сè уште претстојат финалните преговори со државите членки за новите правила да стапат на сила.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата