Мала промена во секојдневната исхрана би можела да направи голема разлика кога станува збор за здравјето и стареењето на организмот. Невронаучникот д-р Дејвид Кокс откри која група намирници редовно ја вклучува во своето мени, а причината поради која го прави тоа привлече големо внимание.
Како што објасни во емисијата „Tonight“ на ITV, одредени намирници можат да имаат важна улога во зачувувањето на здравјето и поддршката на телото за време на процесот на стареење. Темата стана особено интересна поради сè поголемиот интерес за таканаречените „сини зони“ – места во светот каде што луѓето често доживуваат длабока старост со добро зачувано здравје.
„Никогаш не е доцна да ги промените навиките“, порача Кокс, истакнувајќи дека начинот на исхрана може да влијае на тоа како функционира телото, без оглед на годините.
Иако современиот човек живее подолго од претходните генерации, многу експерти предупредуваат дека бројот на години поминати без сериозни здравствени проблеми не расте со исто темпо. Токму затоа сè повеќе се зборува за тоа како секојдневните одлуки можат да влијаат врз квалитетот на животот.
Кога го прашаа која намирница ја смета за особено значајна, Кокс веднаш издвои една група.
„Бобичестото овошје стана важен дел од мојата исхрана. Особено боровинките и јагодите. Тие содржат природни соединенија кои можат да му помогнат на организмот во борбата против оштетените клетки“, рече невронаучникот.
Според неговите зборови, бобичестото овошје содржи супстанции кои можат да ги поддржат природните процеси на чистење на организмот и да му помогнат на имунолошкиот систем да се избори со клетките кои веќе не функционираат како што треба.
Говорејќи за таканаречените „зомби-клетки“, тој објасни дека во текот на животот во телото се акумулираат оштетени клетки кои не исчезнуваат по природен пат.
„Како што старееме, таквите клетки можат да се наталожат и да придонесат за проблеми поврзани со годините“, предупреди тој.
Освен тоа, Кокс го сврте вниманието и на една навика што ја имаат многу луѓе – постојаното јадење во текот на денот.
Според него, организмот може да биде под дополнително оптоварување кога од утро до вечер постојано внесуваме храна, грицки и мали оброци, бидејќи телото нема доволно време за природно закрепнување.
Во својата книга „The Age Code“ тој истакна и дека помладите генерации често имаат проблем со недоволен внес на влакна и преголема количина на индустриски преработена храна.
Неговиот совет е едноставен: повеќе интегрални намирници, овошје и зеленчук, а помалку храна која непотребно го оптоварува организмот.
Иако ниту една намирница сама по себе не може да го запре стареењето, малите секојдневни промени можат да му помогнат на телото да остане силно и витално подолго време.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата