Со доаѓањето на летото и високите температури, во становите без клима-уред или барем вентилатор може да биде вистински пекол. Ипак, Германците за вакви ситуации имаат едноставен, бесплатен трик: обично шише ладна вода како помош за природно разладување на просторот.
За овој метод не ви е потребно ништо што веќе немате дома: пластично шише од 1,5 литри, вода од чешма и замрзнувач. Постапката е многу едноставна – наполнете го шишето со вода, но оставете околу 20 проценти празен простор за да не пукне при замрзнувањето. Ставете го во замрзнувач преку ноќ, а следниот ден поставете го замрзнатото шише на некоја повисока полица, плакар или друг подигнат дел од просторијата.
Задолжително одоздола ставете сад кој ќе ја собира кондензираната вода. Како што се топи мразот, се ослободува ладен воздух кој природно паѓа кон дното на собата, создавајќи освежувачки ефект – особено во помали простории
Научно објаснување на ефектот
Овој трик се потпира на физичкиот принцип познат како латентна топлина на топење – мразот при топењето ја апсорбира топлината од околината за да премине од цврста во течна состојба. Така, околината се лади, а поладниот воздух, кој е погуст од топлиот, се спушта кон подот и создава попријатна атмосфера.
Термографските испитувања покажаа дека едно замрзнато шише може да ја намали температурата во непосредната околина за еден до три степени Целзиусови, во зависност од големината на просторијата и почетната температура. Ефектот трае од три до пет часа, зависно од условите во просторијата и големината на шишето.
Овој трик, наводно, е особено популарен во Германија, каде што е познат под името Flaschenkühlung (ладење со шише).
Дополнителни совети за разладување на домот во лето
За да ја зголемите ефикасноста на ладењето, експертите советуваат комбинирање на овој трик со други едноставни техники:
- Паметно управување со прозорците и ролетните: Во текот на најтоплиот дел од денот (помеѓу 12 и 18 часот), држете ги прозорците затворени. Отворајте ги дури навечер или рано наутро кога надвор е посвежо. Спуштањето на ролетните или затворањето на завесите на сончевата страна од станот може да ја намали температурата и до пет степени Целзиусови.
- Влажни крпи закачени во просторот: Закачете благо влажни (не натопени) крпи на средината на просторијата. Испуштањето на влагата (испарувањето на водата) ја одзема топлината од воздухот, создавајќи природен ефект на ладење – слично како кај клима-уредите на испарување. Најдобро делува ако во собата има барем минимална циркулација на воздух.
- Растенијата како природни изолатори: Стратешки поставените растенија на прозорците и балконите обезбедуваат сенка, го ладат воздухот преку испарување и делуваат како природна бариера против надворешната топлина.
Овие едноставни и достапни методи можат да бидат од голема помош во врелите летни денови – особено ако немате можност да користите клима-уред или сакате да ја намалите потрошувачката на електрична енергија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата