Иако тестостеронот традиционално се поврзува со здравјето на мажите, овој хормон игра важна улога и во женското тело – од сексуалниот нагон и расположението до регулирањето на телесната тежина и мускулната сила.
Со возраста, но и поради одредени здравствени проблеми, нивото на тестостерон кај жените може да се намали, а последиците од ова намалување честопати остануваат незабележани или се припишуваат на стрес, замор или возраст.
Како да препознаете дека ви недостасува тестостерон?
Намалено либидо, хроничен замор, зголемување на телесната тежина (особено во абдоминалната област), несоница, слаба концентрација, сува кожа, проретчена коса и нередовни менструации се само некои од симптомите што можат да ги доживеат жените со низок тестостерон. За жал, многу од овие симптоми се преклопуваат со симптоми на други состојби како што се депресија, заболување на тироидната жлезда или перименопауза, па затоа тестостеронот ретко се зема предвид веднаш.
Што предизвикува пад на тестостеронот?
Најчестите причини за намален тестостерон кај жените се стареењето и менопаузата – како што се забавуваат јајниците, така се намалува и лачењето на хормони, вклучувајќи го и тестостеронот. Исто така, отстранувањето на јајниците, проблемите со надбубрежните жлезди, одредени лекови и хроничниот стрес можат сериозно да го нарушат хормоналниот баланс.
Хормонска терапија – да или не?
Постојат лекови и терапии кои вклучуваат тестостерон, но лекарите често избегнуваат нивна долготрајна употреба поради ризикот од несакани ефекти: акни, засипнатост, зголемен раст на косата, па дури и опаѓање на косата.
Затоа експертите сè повеќе советуваат природни методи за зголемување на нивото на тестостерон.
Природни начини за зголемување на нивото на тестостерон
• Исхрана богата со тестостерон „сојузници“: јајца, бадеми и семки од тиква, зелен лиснат зеленчук, дива масна риба, грав
• Додатоци во исхраната: магнезиум, цинк и витамин од групата Б (особено Б6)
• Умерена физичка активност: пократки, но интензивни тренинзи, во комбинација со лесни вежби за истегнување и релаксација
• Намалете го стресот: воведете медитација, јога, прошетки во природа, длабоко дишење или повеќе сон и помалку мултитаскинг.
Пред да направите какви било промени во исхраната, додатоците во исхраната или начинот на живот, важно е да се консултирате со вашиот матичен лекар или ендокринолог.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата