logo
logo
logo

ЕВРОПА СТАРЕЕ И СЕ ПРАЗНИ - До крајот на векот Унијата ќе изгуби 53 милиони луѓе

Vecer | 27.05.2026

ЕВРОПА СТАРЕЕ И СЕ ПРАЗНИ - До крајот на векот Унијата ќе изгуби 53 милиони луѓе

Европа полека но сигурно чекори кон век во кој најголемиот предизвик нема да биде економскиот раст, туку едноставното прашање: кој ќе работи, кој ќе плаќа даноци и кој ќе ги издржува пензиските и здравствените системи? Новите демографски проекции на Евростат цртаат загрижувачка слика. Иако Европската Унија моментално бележи благ раст и во 2025 година достигна 451 милион жители, тој тренд ќе го доживее својот врв во 2029 година (453,3 милиони), по што започнува неминовен, долгорочен пад. До 2100 година, популацијата на ЕУ ќе се стопи на 398,8 милиони луѓе, што е застрашувачки пад од 11,7 проценти.

Главната причина за овој егзодус е рекордно нискиот наталитет. Стапката на фертилитет во Европа изнесува околу 1,3 раѓања по жена, што е далеку под границата потребна за проста обнова на населението. Истовремено, благодарение на напредокот на медицината, животниот век се продолжува, па медијанската возраст во ЕУ скокна од 39,6 години во 2005, на 44,9 години во 2025 година. Уделот на луѓето над 65 години веќе изнесува 22 проценти, а до крајот на векот секој шестти европски граѓанин ќе биде постар од 80 години.

Економски шок: Работоспособното население се топи

Оваа статистика не е само сува бројка, туку најава за сериозен социјален и економски колапс. До 2100 година, процентот на работоспособно население (од 20 до 64 години) ќе падне од сегашните 58 на само 50 проценти. Тоа значи дека драстично помал број работници ќе мора да заработуваат за двојно поголем број пензионери.

Иако миграцијата со години помагаше да се пополнат дупките на пазарот на труд (околу 14 милиони луѓе во ЕУ живеат во земја различна од нивната родна), политичките трендови покажуваат дека европските држави масовно ги заоструваат миграциските политики. Со тоа се затвора и последниот вентил за спас на работната сила.

Демографскиот јаз: Западот привлекува, Истокот пропаѓа

Демографската криза нема еднакво да го погоди целиот континент. Две третини од населението на ЕУ останува концентрирано во пет гиганти: Германија (84 милиони), Франција (69 милиони), Италија (59 милиони), Шпанија (49 милиони) и Полска (36 милиони).

Во последните две децении, благодарение на економската моќ и доселувањето, Луксембург забележа раст на населението од неверојатни 48 проценти, Малта 43 проценти, а Франција и Шпанија добија по 6 милиони жители повеќе. На спротивната страна, Источна Европа доживува вистинска катастрофа:

  • Латвија: пад од -17%
  • Бугарија: пад од -16% (еден милион жители помалку)
  • Литванија: пад од -14%
  • Романија: пад од -11% (два милиони жители помалку)
  • Хрватска: пад од -10%

Колку е алармантна состојбата покажува и примерот со Франција – земја која традиционално имаше стабилен наталитет. Во 2025 година, за првпат по Втората светска војна, бројот на починати го надмина бројот на родени бебиња, што го натера претседателот Емануел Макрон да побара итно „демографско преоружување“ на нацијата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk