Кога во 1946 година Луј Ријар го претстави првото бикини во Париз, професионалните манекенки одбија да го носат, сметајќи го за премногу скандалозно. Осум децении подоцна, она што започна како модна „експлозија“ стана еден од најпрепознатливите и највпечатливите симболи на летната слобода.
Францускиот дизајнер и инженер Луј Ријар, на 5 јули 1946 година на парискиот базен „Молитор“ ѝ го претстави на јавноста дводелниот костим за капење, кој откриваше најмногу кожа дотогаш. Професионалните манекенки одбија да го носат бидејќи се сметаше за провокативен, но на крајот, се согласи една егзотична танчерка.
Бикинито го доби своето име по атолот Бикини, прстенест корален гребен во Тихиот Океан, каде што САД изведуваа пробни нуклеарни експлозии. Ријар со тоа сакаше да испрати порака дека неговиот капечки костим треба да биде „експлозивен“. Реакцијата на јавноста беше исто толку експлозивна – бикинито беше прогласено за скандалозно и за многумина неговиот крој беше неприфатлив. Она што денес се смета за вообичаено, тогаш беше радикално раскинување со моралните стандарди.
Кршење на правилата
Повоените четириесетти и педесетти години од минатиот век беа одбележани со конзервативни вредности во голем дел од западниот свет. Женственоста се поврзуваше со скромноста, пристојноста и строго се одвојуваше од сексуалноста, па костимите за капење требаше да го сокријат телото, а не да го нагласуваат. Бикинито отворено го прекрши тоа начело – стомакот, грбот и колковите беа откриени.
Поради тоа, во почетокот на многу места беше забрането или општествено отфрлено. Во Германија ги кршеше правилата на бројни отворени базени, додека во Франција беше забрането на плажите.
Во текот на шеесеттите и седумдесеттите години ставовите почнаа да се менуваат. Сексуалната револуција, младинската култура, поп-културата и новите идеи за личната слобода постепено го претворија бикинито од предмет на морална контроверзија во симбол на модерноста и личниот избор. Филмот, модната фотографија и рекламирањето дополнително придонесоа за неговата популаризација, претворајќи го некогашниот скандал во вообичаен дел од модата за плажа.
Нови граници
Бикинито оттогаш стана не само „нормално“, туку сè повеќе почна да се разликува по кроевите и стилови. Костимите станаа пооскудни, количината на ткаенина помала, а моделите поекстремни – од класични дводелни костими до микробикини. Промените покажуваат колку облеката за капење се променила низ децениите – од функционален парче облека до средство за изразување на телото, личноста и ставовите за слободата.
Бикинито никогаш не било само прашање на количината на ткаенина. Од самиот почеток тоа беше и тема на расправи за моралот, слободата, видливоста и положбата на женското тело во општеството. Осумдесет години по неговото пронаоѓање, прашањето веќе не е дали бикинито открива премногу, туку колку малку ткаенина е потребно за да сè уште може да се нарече бикини.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата