Експертите предупредуваат дека ни пристигнува монструозен „Супер Ел Нињо“ кој ќе донесе невидени екстреми, а постои опасност во 2027 година да ги урне сите температурни рекорди. Метеоролозите предупредуваат на можност за нов температурен рекорд уште во 2027 година, а причината би можела да биде развојот на моќен феномен познат како „супер Ел Нињо“, кој уште ова лето би можел да донесе поизразени горештини широм светот, пишува „Билд“.
Според податоците на Светската метеоролошка организација (СМО), од средината на оваа година би можел да се развие Ел Нињо, климатски феномен кој влијае врз температурите и моделите на врнежи широм планетата.
Даниел Свејн од Калифорнискиот институт за водни ресурси смета дека 2026 и 2027 година би можеле да донесат рекордни глобални температури. Метеорологот и климатски експерт Џеф Берардели изјави за американската телевизија WFLA-TV: „Мислам кое ќе бидеме сведоци на временски настани какви што модерната историја сè уште нема забележано“. Станува збор за особено силен облик на Ел Нињо, познат како „супер Ел Нињо“, за време на кој доаѓа до невообичаено силно загревање на морето во Тихиот Океан. Последиците од ваквото нарушување можат да бидат екстремни горештини, суши, обилни дождови и поплави во различни делови од светот. Во Германија, на пример, почвата веќе сега е исклучително исушена.
Најтоплата година
Ел Нињо е климатски и временски феномен во Тихиот Океан, при кој површинските води на централниот и источниот тропски Пацифик се загреваат повеќе од вообичаено. Со тоа доаѓа до промени во струењето на воздухот и ветровите, што може да предизвика суши, обилни врнежи или поблаги зими во одредени региони. Феноменот се појавува неправилно, најчесто на секои три до осум години, а може да трае од неколку месеци до повеќе од една година.
Според податоците на СМО, последниот Ел Нињо е забележан во текот на 2023 и 2024 година. Како што наведува германскиот медиум „ZDF heute“, токму тој феномен придонесе 2024 година да стане најтоплата година откако постојат мерењата. Климатскиот научник Карло Буонтемпо предупредува дека веќе 2026 година би можела да стане нова рекордна година по температури.
Климатологот Тидо Семлер од ирската метеоролошка служба смета дека последиците би можеле да бидат уште поизразени во 2027 година.
– На атмосферата на Земјата ѝ треба време за да реагира на Ел Нињо – објаснува Семлер. Поради тоа, вели тој, постои „зголемен ризик 2027 да стане година на рекордни горештини ако Ел Нињо се развие во втората половина на 2026 година“. Тој додава и дека самата развојна фаза на феноменот може да има последици врз временските прилики.
Екстремни суши
Експертите особено предупредуваат на зголемена опасност од пожари. Теодор Кипинг, експерт за шумски пожари од Империјал колеџот во Лондон, предупреди дека Ел Нињо ја зголемува веројатноста за екстремни горештини и суши во Австралија, Канада, САД и во амазонската прашума. Доколку се развие силен Ел Нињо, ризикот од катастрофални пожари би можел да го достигне највисокото ниво во поновата историја.
Даниел Свејн е американски климатолог и метеоролог кој работи на Универзитетот во Калифорнија (оддел за земјоделство и природни ресурси). Џеф Берардели е главен метеоролог на телевизијата WFLA-TV на Флорида, додека Карло Буонтемпо го води европскиот „Коперникус“ (Copernicus Climate Change Service) при ECMWF, климатската служба на Европската Унија. Тидо Семлер е научник од Институтот „Алфред Вегенер“ во Бремерхавен, каде што ги истражува поларните подрачја, океанските струи и влијанието на човечките емисии врз климата. Теодор Кипинг се занимава со истражување на екстремни временски појави и ризици од шумски пожари поврзани со климатските промени на Империјал колеџот во Лондон.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата