logo
logo
logo

СВЕТОТ ДОБИВА ПЛОВЕЧКИ ГРАД ОД 14 МИЛИЈАРДИ ЕВРА: Проектот кој звучи како научна фантастика повторно се активира!

Vecer | 04.06.2026

СВЕТОТ ДОБИВА ПЛОВЕЧКИ ГРАД ОД 14 МИЛИЈАРДИ ЕВРА: Проектот кој звучи како научна фантастика повторно се активира!

Плановите за изградба на бродот „Freedom Ship“, замислен како „пловечки град“ со капацитет за 80.000 луѓе, дојдоа во фокусот на јавноста откако проектот, стар речиси три децении, повторно беше активиран.

Според концептот, тој ќе биде долг околу 1.609 метри, широк 244 метри и ќе има 30 палуби. Проценките покажуваат дека изградбата би чинела околу 13,9 милијарди евра.

Не е класичен крузер

Бродот е замислен како самостојна заедница со сместување за 50.000 постојани жители, дополнителен простор за 10.000 патници на крстарење и дневни посетители, како и со 20.000 членови на екипажот кои би го опслужувале целиот систем.

Планираните содржини вклучуваат болница, училишта, продавници, ресторани, хотели, стадион со 15.000 седишта, конгресен центар, воден парк, два музеи и концертна сала.

Предвиден е и голем аквариум наменет за нуркачи, потоа простран ноќен клуб, како и двокатна хала со храна за жителите кои сакаат дополнителни гастрономски опции.

Во рамките на проектот е предвидено образование од основно до факултетско ниво. Четири палуби би биле резервирани за комерцијални услуги, финансиски филијали, банки и малопродажба, додека на врвот на бродот би имало осум хелиодроми.

„Freedom Ship“ не е замислен како класичен крузер. Планот предвидува тој непрекинато да плови и да го обиколува светот приближно на секои две години, движејќи се со брзина од седум јазли.

Поради своите димензии, бродот нема да може да се закотви во ниту едно пристаниште. Наместо тоа, би престојувал во меѓународни води, додека патниците и посетителите до копното би патувале со траекти. Според планот, до него би можеле да се закотвуваат дури и други крузери.

Голем интерес за проектот

На посетителите би им бил на располагање трамвајски систем за движење помеѓу различните зони на бродот, додека пешаците би можеле да користат патеки и паркови, пренесува Telegraph.

Идејата во текот на деведесеттите години прв ја претстави американскиот инженер Норман Никсон. По неговата смрт во 2012 година, проектот одново беше претставен во јавноста, но набрзо беше ставен настрана.

Денес, иницијативата ја води Роџер Гуч, извршен директор на компанијата Freedom Cruise Line International. Тој наведува дека е формиран раководен тим од 12 луѓе, вклучувајќи проект-менаџер, дизајнер и поморски архитект.

Според неговите зборови, интересот за проектот е „голем“.

„Речиси би можеле да ја оправдаме изградбата на три вакви бродови“, изјави Гуч.

Сепак, клучниот предизвик останува обезбедувањето на почетниот капитал.

Гуч наведува дека по затворањето на финансиската конструкција, градбата би можела да започне во Индонезија. Трупот би бил изработен од повеќе делови, кои потоа би се склопувале на море.

Според неговите проценки, завршувањето на изградбата би можело да трае помеѓу три и четири години, но жителите би можеле да се вселат уште пред целосното завршување на работите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk