Хамбуршкиот центар за заштита на потрошувачите ја прогласи алпската млечна чоколада „Милка“ за „Измама со амбалажа за 2025 година“, за што гласаа дури 66,7 отсто, односно две третини од гласачите.
„Милка“ ја доби оваа „награда“ затоа што пакувањето е намалено од 100 на 90 грама, дебелината на чоколадата е намалена за еден милиметар, а цената е зголемена за 48 отсто – од 1,49 на 1,99 евра, пренесува „Билд“.
Поднесена и тужба против компанијата
Центарот за заштита на потрошувачите веќе 12 години го организира ова гласање за „најголема измама со амбалажа“, но, како што се наведува, никогаш досега ниту еден производ не победил со толку голема разлика.
Армин Валет од Агенцијата за заштита на потрошувачите во Хамбург изјави дека многумина ваквото „суптилно“ намалување на количината на чоколадата „Милка“ го доживуваат како очигледна измама, како и дека резултатот од гласањето е јасна и недвосмислена порака (учествувале околу 35.000 луѓе).
Поради тоа, Агенцијата поднесе тужба против компанијата до Регионалниот суд во Бремен.
Хамбуршкиот центар за заштита на потрошувачите минатата година регистрираше вкупно 77 нови случаи на измамничко пакување, при што скриеното зголемување на цената во просек изнесувало 28,4 отсто.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата