За да ги заштити својата идеологија и начинот на живот, власта во Северна Кореја забрани бројни нешта кои во остатокот од светот се сосема вообичаени – од патувања во странство, западен начин на живот и одредени фризури, до производите на компаниите Кока-Кола и Епл, брзата храна и Библијата, пишува the-star.co.ke.
На севернокорејскиот пазар не се достапни хигиенски влошки и тампони. Наместо нив, жените користат платнени влошки за повеќекратна употреба, кои ги перат по користењето.
Да се набави кондом во Северна Кореја е речиси невозможно, бидејќи во таа земја се забранети речиси сите видови средства за контрола на раѓањето.
Мажите мора да носат долги панталони, додека кратките модели се забранети. На жените им се дозволени исклучиво здолништа и панталони кои ги покриваат колената. Џинсот, пирсингот и „креативните фризури“ се забранети со закон бидејќи се смета дека го симболизираат американскиот империјализам.
Исто така, не е дозволено да се има коса подолга од струкот, да се имитира фризурата на Ким Џонг Ун, ниту да се носи високо коњско опавче со прамен преку челото и едното око, наведува Дејли Меил. Забранети се и маици без ракави, маици со странски натписи, торби кои се носат преку рамо и припиени топови. Дозволени се единствено чанти кои се носат во една рака и ранци.
Забрането е да се носат и широки панталони какви што носи Ким Џонг Ун. Од мажите се очекува да имаат кратка коса, додека жените имаат нешто поголем избор на фризури, но сите мора да бидат во согласност со конзервативните стилови, без какви било назнаки за бунтовништво. Традиционалната носија, позната како „Чосон-от“, често е задолжителна на службените настани и јавните собири, бидејќи на тој начин се промовираат националниот идентитет и гордоста кон корејското наследство. Сепак, и надвор од церемонијалните прилози, од граѓаните се очекува да се придржуваат до строгите правила за облекување кои одразуваат скромност, дисциплина и униформиран изглед.
Жените и мажите можат да избираат меѓу 15 дозволени фризури. Оние кои носат недозволени фризури ризикуваат последици кои може да вклучуваат парични казни, принудна работа или дури и затворска казна.
Ако сте турист, целата музика, филмови, телевизиски содржини и печатени материјали што ги носите со себе ќе бидат детално прегледани пред влезот во земјата. Државата нуди само неколку ТВ-канали, а сите се под строга контрола на власта. Воспоставувањето меѓународни повици се смета за кривично дело. Според наводите на одделни медиуми, во 2007 година бил погубен маж поради вршење повеќе меѓународни телефонски повици. Конзумирањето марихуана во Северна Кореја, според одделни извештаи, не е законски санкционирано на ист начин како во повеќето други земји, па трговијата и употребата на оваа дрога наводно не подлежат на истите казни. Професијата на граѓаните ја одредува државата, во согласност со потребите на земјата. Оние кои ќе го одбијат доделеното работно место може да бидат испратени на принудна работа. На граѓаните не им е дозволено да го имаат истото име како актуелниот лидер. Така, сите што се викале Ким, според одделни наводи, морале да го променат своето име. Забранети се и билети за музички концерти, Wi-Fi, спортски автомобили, западначки списанија, новогодишни елки, како и каква било друга празнична декорација.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата