logo
logo
logo

Пред Хари Потер беше Дон Кихот: КОЈ Е ВИСТИНСКИОТ МАЈСТОР ЗА ИЗМИСЛУВАЊЕ НОВИ ЗБОРОВИ?

Vecer | 22.04.2026

Пред Хари Потер беше Дон Кихот: КОЈ Е ВИСТИНСКИОТ МАЈСТОР ЗА ИЗМИСЛУВАЊЕ НОВИ ЗБОРОВИ?

Совпаѓајќи се со Светскиот ден на книгата и годишнината од смртта на Мигел де Сервантес, објавен е првиот комплетен речник за книгата, кој во текот на седум години го составуваа истражувачи од различни универзитети под координација на Антонио Морено Сандовал, професор по лингвистика на Автономниот универзитет во Мадрид, и Хирото Уеда, хиспанист на Универзитетот во Токио.

Работата опфати анализа на околу 400.000 зборови од романот „Дон Кихот“, а авторите истакнуваат дека резултатот покажува исклучителна лексичка и стилска разновидност на романот. Според истражувачите, Сервантес бил „голем слушател“ на говорот на обичните луѓе, што се огледа во различноста на јазикот на ликовите – од возвишениот говор на Дон Кихот до едноставниот, секојдневен речник на Санчо Панса, пренесува RTVE.

Студијата покажува дека во делото се појавуваат повеќе од 8.000 различни лексички единици, како и околу 214 ликови со јасно диференцирани стилови на говор, што ја потврдува повеќеслојната структура на романот. Авторите наведуваат дека проектот го овозможила дигиталната лингвистика, бидејќи рачната обработка на толку голем корпус би била практично невозможна. Истражувачите најавуваат и понатамошен развој на проектот, вклучувајќи создавање дигитални алатки и модели на вештачка интелигенција засновани на јазикот од времето на Сервантес.

Сервантес се истакнувал со својата креативност, особено кога станува збор за создавање сопствени имиња и називи – речиси 900 низ книгата – кои во многу случаи веќе станале дел од шпанската популарна култура.

„Сега луѓето се восхитуваат на тоа како Џ. К. Роулинг измислува имиња во 'Хари Потер', но Сервантес тоа веќе го направил. Росинанте, слабиот коњ на Дон Кихот, Клавилењо, Дулсинеја, Алтисидора и Еспартафилардо дел Боске го демонстрираат генијот на авторот“, истакнува Морено.

Тој додаде и дека е изненаден од големиот број термини што потекнуваат од италијанскиот и латинскиот јазик, што покажува дека Сервантес бил „начитана личност“, а истовремено близок со обичните луѓе.

Според неговите зборови, речникот исто така го открива големото влијание на арапскиот јазик врз шпанскиот јазик во 17 век, бидејќи авторот на „Дон Кихот“ бил заробен во Алжир пет години, како и отсуството на англицизми, со оглед на тоа што „влијанието на англискиот јазик не постоело во тоа време“.

Вкупно, во речникот има околу 8.555 зборови, речиси трипати повеќе од бројот на зборови што вообичаено ги користи еден говорител на шпански јазик – помеѓу 2.500 и 3.500. На пример, речиси стотина зборови се наоѓаат само меѓу називите на занаетите и професиите. Изобилството на речникот на Сервантес се гледа и во неговите десетици термини за музички инструменти, од кои многу веќе се заборавени, како што се: „карамиљо“, „чурумбела“ или „атабал“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk