logo
logo
logo

ТОМ КРУЗ ВЛЕЗЕ ВО ГИНИСОВАТА КНИГА НА РЕКОРДИ: Актерот ги помести границите (ВИДЕО)

Vecer | 06.06.2025

ТОМ КРУЗ ВЛЕЗЕ ВО ГИНИСОВАТА КНИГА НА РЕКОРДИ: Актерот ги помести границите (ВИДЕО)

Холивудскиот актер Том Круз, поради извонредна каскада изведена во филмот „Mission: Impossible -The Final Reckoning“, официјално влезе во Гинисовата книга на рекорди како личност со најмногу скокови со запален падобран – скокнал дури 16 пати.

Оваа неверојатна каскадерска изведба е снимена во планините Дракенсберг во Јужна Африка, каде што Круз поминал недели подготвувајќи се со каскадери пред да скокне од висина од повеќе од 2.200 метри. На таа висина, тој изведувал спектакуларни скокови од хеликоптерот каде што се запали падобранот, а актерот потоа го фрли главното платно за да го отвори резервниот падобран. Во неколку наврати, тој носел и фотоапарат тежок повеќе од 20 килограми, кој му бил прикачен на телото за да добие автентични снимки од прва рака.

Според „Дедлајн“, главниот уредник на Гинис, Крег Глендеј, изјавил: „Том не игра акционен херој – тој навистина е. Неговата решителност и посветеност на автентичноста и поместувањето на границите го прават успешен. Воодушевени сме што можеме да го почестиме во Гинисовата книга на рекорди.“

Акциониот спектакл беше успешен во кината

„Невозможна мисија – Последици“ ја означува кулминацијата на сагата што се протегаше речиси три децении. Ова продолжение содржи сè по што е позната франшизата – спектакуларни сцени, шпионски игри и акција што го зголемува адреналинот, а се одвива на најнеобичните локации низ светот.

Заплетот се врти околу глобална закана кога вештачката интелигенција излегува од контрола. Итан Хант (Том Круз) и неговиот тим мора да спречат катастрофа во дигиталниот свет што би можела да ја уништи човечката цивилизација. Но овој пат влоговите се уште поголеми, бидејќи Итан мора да избере помеѓу својата мисија и животите на луѓето што ги сака.

Филмот беше пофален за визуелните ефекти, напнатата режија и посветеноста на Круз кон секој детаљ – вклучувајќи ги и каскадерските движења што ги изведува без помош на компјутерски графики или каскадери. Режисер на филмот е Кристофер МекЕвој, а главните улоги ги играат Круз, Ребека Фергусон, Хејли Атвел, Сајмон Пег и Винг Рејмс.

Филмот „Невозможна мисија – Последици“ заработи повеќе од 389 милиони долари ширум светот во првите три недели, што го прави еден од најголемите филмски успеси на годината. Публиката и критичарите се согласуваат дека ова е достојно финале на една од највозбудливите акциони франшизи во историјата на филмот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk