logo
logo
logo

„ЗОНАТА НА СМРТТА“ ЗАТРУПАНА СО ЃУБРЕ: Од Еверест исчистени 11 тони отпад, пронајдени предмети стари 69 години

Vecer | 02.06.2026

„ЗОНАТА НА СМРТТА“ ЗАТРУПАНА СО ЃУБРЕ: Од Еверест исчистени 11 тони отпад, пронајдени предмети стари 69 години

Највисокиот камп на Монт Еверест е претворен во вистинска депонија, покажуваат снимките на кои се гледаат напуштени шатори, празни боци со кислород и човечки отпад расфрлани по снегот.

Видео објавено на социјалните мрежи го прикажува Кампот IV, највисокиот планинарски камп во светот, преполн со купишта ѓубре кои зад себе ги оставиле експедициите. На снимките се гледаат десетици дотраени жолти шатори кои силните ветрови ги шибаат на голема надморска височина. Кампот IV се наоѓа на Јужното седло (South Col), меѓу Монт Еверест и Лоце, првата и четвртата највисока планина во светот.

На висина од околу 7.925 метри, овој камп претставува последното место за одмор пред планинарите да тргнат кон врвот низ таканаречената „Зона на смртта“, на патот кон највисоката точка на светот, висока 8.849 метри.

„Она што би требало да биде едно од најневеројатните места на планетата, на многу начини стана едно од најгрдите лица на комерцијализацијата на Еверест“, објави во понеделникот профилот Everest Today на социјалната мрежа Икс (X). „Напуштени шатори, празни боци со кислород, конзерви со храна, искината опрема и друг отпад се расфрлани по Јужното седло, претворајќи го највисокиот камп во светот во гробишта за планинарска опрема. Планината заслужува подобро.“

Рекорден број качувачи го влоши проблемот

Рекордни 274 луѓе го освоија Еверест преку Непал во еден ден во текот на мај, а големиот прилив на посетители дополнително го влоши проблемот со акумулацијата на отпад.

Иако во текот на годините беа организирани бројни акции за чистење на планината, големата надморска височина и екстремните временски услови ја прават оваа работа исклучително опасна, пишува „Дејли мејл“ (Daily Mail).

Убавото време може за неколку минути да се претвори во снежна бура, додека нивото на кислород на таа висина е едвај околу една третина во споредба со количината присутна на ниво на морето.

Откако Едмунд Хилари и Тензинг Норгај за првпат го освоија Еверест во 1953 година, илјадници планинари се качија на неговиот врв.

Достигнувањето на бројката од 274 планинари на врвот во еден ден, на 20 мај оваа година, го надмина претходниот рекорд од мај 2019 година, кога 223 качувачи стигнаа до врвот од јужната страна на планината.

Гужви на покривот на светот

Снимките со дронови покажаа стотици планинари кои чекаат во редици за искачување, обидувајќи се да ги искористат поволните временски услови во текот на мај. Тоа повторно ја покрена дебатата за прекумерната комерцијализација на Еверест.

Оваа година речиси 500 странски планинари добија дозвола за искачување, што исто така е рекорд, додека експертите сè почесто предупредуваат на пренатрупаност и безбедносни ризици.

Поголемиот дел од алпинистите користат дополнителен кислород за да преживеат во „Зоната на смртта“, делот од планината што се наоѓа на висина над 8.000 метри.

Дури и со дополнителен кислород, експертите советуваат во таа зона да не се поминува повеќе од 20 часа.

Тони отпад и тела на загинати

Во текот на 2024 година, група Шерпаси и непалски војници успеаја да отстранат 11 тони отпад од планината, како и да ги извлечат телата на четворица настрадани планинари.

Мисијата не беше воопшто лесна. На тимот му беа потребни дури два дена за да извлече едно тело кое беше целосно заробено во мраз.

„Отпадот што го пронајдовме главно се состоеше од стари шатори, амбалажа од храна, гасни патрони, боци со кислород, торби за шатори и јажиња користени за качување и прицврстување на камповите“, изјави Анг Бабу Шерпа, кој ја предводеше акцијата за чистење. Некои од предметите што ги пронајдоа беа стари дури 69 години.

Сè поскапи дозволи за искачување

Од септември 2025 година, планинарите за дозвола за искачување мора да платат 15.000 долари, што е зголемување во однос на претходната цена од 11.000 долари. Ова е прво поскапување по речиси десет години.

Експертите често го критикуваат Непал поради издавањето на голем број дозволи, што неретко доведува до опасни гужви непосредно под врвот, каде што количината на природен кислород е значително под нивото потребно за нормално функционирање на човечкиот организам.

Организаторите на експедициите признаваат дека гужвите претставуваат ризик, но сметаат дека со нив може да се управува.

„Ако тимовите имаат доволно кислород, тоа не е голем проблем“, изјави за Ројтерс Лукас Фуртенбах од австриската компанија Furtenbach Adventures.

„Во Алпите имаме планини како Цугшпице, каде што на врвот дневно се наоѓаат и до 4.000 луѓе. Затоа, бројката од 274 качувачи на Еверест всушност не е толку голема, особено кога ќе се земе предвид дека оваа планина е десет пати поголема.“

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk