Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Адханом Гебрејесус, изрази длабока загриженост поради огромниот размер и брзината со која се шири новата епидемија на ебола, додека бројот на заразени и натаму е во постојан пораст.
Од почетокот на оваа епидемија, веќе се забележани најмалку 500 случаи на зараза и 130 смртни случаи за кои постои сомневање дека се директно поврзани со вирусот. Гебрејесус информираше дека во главниот град на Уганда, Кампала, е потврден еден смртен случај, како и зараза кај две лица кои допатувале од Демократска Република Конго. Во меѓувреме, во североисточната конговска покраина Итури веќе се потврдени 30 случаи на инфекција.
Овие бројки дополнително ќе се менуваат со интензивирањето на теренските операции, кои вклучуваат засилен надзор, следење на контактите и лабораториски тестирања. Поради сериозноста на ситуацијата, Комитетот за итни случаи на СЗО, составен од меѓународни експерти, веќе свика итен состанок во Женева за да се расправа за следните чекори против епидемијата.
Она што најмногу ја загрижува СЗО и што укажува на ризик од дополнително ширење на вирусот е појавата на случаи во големите урбани средини, како што се Кампала во Уганда и Гома во Демократска Република Конго, но и во воено засегнатата покраина Итури. Дополнителен аларм е и фактот што вирусот е регистриран меѓу здравствените работници, што јасно упатува на заклучокот дека заразата веќе се шири и внатре во самите медицински установи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата