logo
logo
logo

ЗАТВОР ЗА ЛИЦАТА КОИ ПЛАНИРАА НАПАД на концертот на Тејлор Свифт

Vecer | 29.05.2026

ЗАТВОР ЗА ЛИЦАТА КОИ ПЛАНИРАА НАПАД на концертот на Тејлор Свифт

Покраинскиот суд во виенско Ново Место (Винер Нојштат) ги прогласи за виновни двајцата 21-годишни поддржувачи на Исламската држава (ИД) кои планираа терористички напад на концертот на Тејлор Свифт во Виена во август 2024 година. Главниот обвинет, Беран А., кој е австриски државјанин со северномакедонско потекло, е осуден на 15 години затвор, додека неговиот соообвинет Арда К. доби 12 години. Пресудите сè уште не се правосилни.

Дел од терористичка ќелија со планови за напади во Мека, Истанбул и Дубаи

Високата казна од 15 години за Беран А. е изречена бидејќи, покрај заговорот во Виена, тој е прогласен за виновен и за помагање при напад со нож во Мека, каде негов училишен другар уби еден чувар и рани четири лица. Обвинителството докажа дека тројцата дејствувале како дел од организирана терористичка ќелија која планирала напади во Мека, Истанбул и Дубаи. Иако Беран пред судот негираше поврзаност со настанот во Саудиска Арабија, обвинителот ги поби неговите тврдења со докази за повеќечасовни телефонски разговори водени непосредно пред злосторството.

Сакал да биде „херој“ и да стекне слава во Исламската држава

Истрагата потврди дека Беран А. повеќе пати дал заклетва за верност на Исламската држава. Неговиот план бил максимално да се наоружи за да изврши масакр врз толпата луѓе пред стадионот „Ернст Хапел“ во Виена. За време на испитувањата тој признал дека мотивот му бил да изгледа како „херој“ и да стане „славен“ во терористичките кругови. Судскиот психијатар нагласи дека кај обвинетиот нема психијатриско нарушување, додека одбраната се обиде да ја ублажи вината тврдејќи дека тој бил само заведен преку интернет како во секта. На крајот од судењето, двајцата обвинети изразија каење.

Предупредување за идните терористи

Оваа пресуда доаѓа само еден ден по друг случај во Клагенфурт, каде сириски поддржувач на ИД доби доживотен затвор за убиство на 14-годишен ученик. Државниот обвинител потенцираше дека овие строги казни мора да покажат дека Австрија има нулта толеранција за тероризмот.

Крвопроливањето во Виена беше спречено во последен момент благодарение на дојава од германските разузнавачки служби, по што Беран А. беше уапсен на 7 август 2024 година – само еден ден пред првиот концерт. Сите три настапи на Тејлор Свифт тогаш беа итно откажани поради безбедносни причини.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk