Дали е можно обичен мирис на роза да влијае врз структурата на мозокот? На прв поглед звучи неверојатно, но токму до тој заклучок дојдоа јапонските научници во студијата објавена во стручното списание „Brain Research Bulletin“.
Истражувањето покажа дека секојдневното вдишување есенцијално масло од роза во тек на еден месец може да доведе до зголемување на волуменот на сивата маса во одредени делови од мозокот. Иако се потребни уште истражувања пред да се извлечат конечни заклучоци, резултатите привлекоа големо внимание во научната јавност бидејќи ова е прва студија која укажува дека долготрајната изложеност на одреден мирис може да биде поврзана со мерливи структурни промени во мозокот.
Што точно открија научниците?
Во истражувањето учествуваа 50 здрави жени на возраст од 41 до 69 години. Од нив, 28 жени секојдневно во тек на еден месец носеа на облеката арома-фластер со една до три капки разредено есенцијално масло од роза, додека контролната група користеше обична вода.
Пред почетокот и по завршувањето на истражувањето, на сите учеснички им беше направена магнетна резонанца (MRI), за научниците да ги споредат евентуалните промени во структурата на мозокот.
Резултатите покажаа зголемување на вкупниот волумен на сивата маса на мозокот кај жените кои секојдневно го вдишуваа мирисот на роза. Најизразени промени беа забележани во задниот дел на цингуларниот кортекс (постериорен цингуларен кортекс или PCC), дел од мозокот кој учествува во процесите на паметење, потсетување, емоционална обработка и размислување за себе. Истовремено, во амигдалата и во орбитофронталниот кортекс не беа уочени значајни промени.
Зошто е овој дел од мозокот толку важен?
Постериорниот цингуларен кортекс се смета за еден од клучните центри за паметење и за поврзување на спомените со емоциите. Интересно е што токму овој дел од мозокот меѓу првите покажува промени кај лица кои развиваат Алцхајмерова болест и други облици на деменција.
Поради тоа, истражувачите сметаат дека резултатите би можеле да бидат значајни за идните истражувања за превенција на невродегенеративните болести. Сепак, нагласуваат дека нивната студија не докажа дека мирисот на роза спречува деменција, туку само дека заслужува понатамошни испитувања.
Како мирисот воопшто може да влијае врз мозокот?
Сетилото за мирис се разликува од сите останати сетила по тоа што информациите од носот многу брзо стигнуваат до лимбичкиот систем, делот од мозокот кој ги контролира емоциите, паметењето и реакциите на стрес.
Научниците претпоставуваат дека долготрајната стимулација на овие мозочни патишта може да ја поттикне невропластичноста, односно способноста на мозокот да создава нови врски и да се прилагодува на надворешните влијанија.
Тоа засега е само една од можните теории, но се вклопува во сè поголемиот број истражувања кои покажуваат дека мирисите можат да влијаат врз расположението, нивото на стрес, квалитетот на сонот и одредени мозочни функции.
Тоа не значи дека треба веднаш да посегнете по есенцијални масла
Иако резултатите звучат многу ветувачки, самите автори на студијата предупредуваат дека тие не треба да се толкуваат како доказ дека есенцијалното масло од роза го подобрува паметењето или лекува болести на мозокот.
Студијата имаше неколку важни ограничувања. Во неа учествуваа исклучиво жени, бројот на испитанички беше релативно мал, а истражувањето траеше само еден месец. Покрај тоа, научниците не ги следеа навиките како што се исхраната, физичката активност или начинот на живот, кои исто така можат да влијаат врз здравјето на мозокот. Авторите истакнуваат дека се потребни поголеми истражувања кои ќе ги вклучат и мажите, различни старосни групи и други видови мириси за да се потврдат овие наоди.
Поради тоа, есенцијалните масла не треба да се гледаат како замена за медицинска терапија или начин за лекување на невролошки болести. Тие можат да бидат дел од пријатна рутина за опуштање, но секој кој има здравствени тегоби или размислува за нивна терапевтска употреба, би требало претходно да се соодветно да се консултира со лекар.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата