Додека патувате со воз низ швајцарските Алпи, во еден момент величествените планински врвови и пејзажи исчезнуваат од прозорецот. Нив ќе ги заменат мракот и сопствениот одраз во стаклото, додека композицијата се движи низ километри карпи, длабоко под површината на земјата. За повеќето туристи ова е само обична, мрачна фаза од патувањето, но малкумина се свесни дека во тој момент се наоѓаат во внатрешноста на еден од најамбициозните инфраструктурни и еколошки зафати на Стариот Континент.
Под масивните планини на Швајцарија е развиена фасцинантна подземна империја. Причината за нејзината изградба не беа само комфорот и брзината, туку стратешката одлука Алпите да се спасат од наездата на тешки камиони, смог и токсични издувни гасови.
Џиновски лавиринт од карпи
Швајцарската мрежа на тунели е едноставно неверојатна – државата располага со над 1.400 тунели чија вкупна должина изнесува повеќе од 2.000 километри. Овој подземен систем не го чинат само железнички и патни премини, туку и сложена инфраструктура наменета за енергетските системи и водоводот.
- Проектот NRLA: Главниот столб на оваа мрежа го чини проектот „Нова железничка врска низ Алпите“. Станува збор за три гигантски базни тунели: Лочберг, Готард и Ценери, проектирани така што возовите низ планинските масиви минуваат по целосно рамна траса, без нагорнини.
- Светски рекордер: Во овој систем посебно место зазема базниот тунел Готард. Со својата должина од 57 километри, тој официјално ја држи титулата за најдолг железнички тунел на планетата, а патничките композиции низ него пролетуваат за само 20 минути.
Швајцарска визија
Иако овие подземни рути драстично го скратуваат времето на патување и совршено ги поврзуваат северниот и јужниот дел на Европа, удобноста на патниците била во втор план. Клучната идеја на швајцарската влада била комплетниот товарен сообраќај од автопатите да се пресели на шини. На тој начин, чувствителните алпски долини се спасени од колоните шлепери, а природата конечно продиша.
Со децении наназад, низ Алпите татнеа стотици илјади тешки камиони. Нивните дизел-мотори создаваа неподнослива бучава, го загадуваа воздухот во тесните котлини и предизвикуваа чести сообраќајни несреќи. Поради тоа, граѓаните на Швајцарија уште во деведесеттите години на референдум ја изгласаа таканаречената „Алпска иницијатива“, обврзувајќи ја државата да го префрли долголинискиот транспорт на стоки на еколошки прифатлива железница.
Пресметка на чиста екологија: Изградбата на целосно рамни тунели им овозможи на товарните возови да превезуваат значително поголеми количини стока со минимален утрошок на струја, бидејќи веќе нема тешки нагорнини. Европските анализи покажуваат дека железничкиот транспорт троши дури петпати помалку енергија по тон стока во однос на камионите, додека емисијата на штетни гасови со ефект на стаклена градина е помала за четири пати.
Возовите ги победија друмските крстосувачи
За да ги принуди компаниите да преминат на пруги, Швајцарија воведе и посебни такси за тешки товарни возила, кои се наплаќаат по секој изминат километар. Резултатите од оваа политика се импресивни:
- Денес дури 72 отсто од вкупниот товар што ги преминува Алпите се превезува со возови.
- Во текот на 2018 година преку Алпите поминале околу 941.000 камиони, што е пад за речиси една третина во споредба со 2000 година.
Сепак, швајцарските власти сметаат дека работата не е завршена. Преку планинските превои и понатаму минуваат околу 880.000 шлепери годишно, што сè уште е над строгата еколошка цел што државата си ја зацрта.
Најголемиот предизвик – 28 милиони карпи
Самата изградба на овие тунели беше незапаметен градежен предизвик. Само во текот на ископувањето на базниот тунел Готард беа извлечени 28 милиони тони карпи, а беа потрошени и гигантски количини бетон. За природата максимално да се заштити за време на работите, беа применети строги еколошки мерки:
- Целиот ископан материјал се превезуваше исклучиво со железница или со бродови, а не со камиони.
- Градежните машини мораа да имаат посебни филтри за честички, а сите отпадни води беа пречистувани пред испуштањето.
- По завршувањето на работите, државата комплетно ги обнови речните корита, ги уреди потоците и повторно ги подигна традиционалните сухоѕиди за влекачите и ситните животни да добијат нови природни живеалишта.
Подземен штит против климатскиот хаос и лекција за остатокот од светот
Овие подземни рути се покажаа и како генијален штит против климатските промени. Тунелите и безбедносните галерии успешно ги штитат пругите и патиштата од разорни лавини, одрони и лизгање на земјиштето. Со сè почестите временски непогоди, оваа подземна мрежа гарантира дека клучните европски сообраќајници ќе останат во функција дури и кога површинските патишта се целосно блокирани.
Овој систем е резултат на повеќедецениско планирање, политички договор и стабилно финансирање. Швајцарскиот модел денес детално го проучуваат експерти ширум светот кои бараат лек за зафатените автопати и загадувањето. Сепак, како што пренесува CNN, самите тунели не се чудотворно решение – вистинскиот ефект настанува дури кога прокопаните цевки ќе се комбинираат со масовно вложување во железницата и остри економски мерки кои го дестимулираат друмскиот транспорт на стоки.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата