Кинескиот GWM (Great Wall Motor) го претстави ажурираниот Ora Ballet Cat, електричен модел кој неодоливо наликува на легендарниот Volkswagen Beetle.
Речиси и да нема промени во споредба со верзијата пред редизајнот, но под каросеријата е скриен помоќен погонски склоп.
Визуелно, Ballet Cat ги задржува хромираните браници, заоблените линии и ретро дизајнот инспириран од оригиналниот Beetle од шеесеттите години.
Најголемата иновација е електричниот мотор, кој сега развива 204 КС, наместо претходните 171 КС. Благодарение на ова, максималната брзина е зголемена од 155 на 180 км/ч.

Засега не е познато дали е надградена и батеријата со литиум-железо-фосфат (LFP).
Автомобилот сè уште нуди неколку необични карактеристики насочени првенствено кон жените, како што се големо огледало за шминка, специјални прегради за козметика и селфи камера која може автоматски да споделува фотографии на социјалните мрежи.
„Топол режим“

Најневообичаената опција останува таканаречениот Топол режим, кој GWM го воведе на оригиналниот модел.
Тоа е режим наменет за жени за време на менструалниот циклус. Со едно притискање на копче, системот автоматски го зголемува греењето во кабината за да ги одржи патниците потопли.
И покрај многуте реакции што оваа функција ги предизвика од воведувањето на моделот, GWM одлучи да ја задржи и на моделот од 2026 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата