logo
logo
logo

ЕДЕН ГРАД ВО СРБИЈА ГО МЕНУВАЛ ИМЕТО ПОВЕЌЕ ОД 200 ПАТИ Во 1391 година се викал Забатка

Vecer | 08.01.2026

ЕДЕН ГРАД ВО СРБИЈА ГО МЕНУВАЛ ИМЕТО ПОВЕЌЕ ОД 200 ПАТИ Во 1391 година се викал Забатка

На крајниот север на Србија, во Бачка, веднаш до границата со Унгарија, се наоѓа Суботица – еден од најубавите и културно најбогати градови во Војводина. Од Белград е оддалечена околу 180 километри, а од Будимпешта околу 200 километри, што ја прави лесно достапна дестинација за излет или пократок престој.

Иако често останува надвор од главните туристички текови, Суботица се наоѓа долж важни европски сообраќајни коридори и се простира меѓу две големи реки – Дунав и Тиса. Градот е познат по опуштената атмосфера, квалитетната гастрономија, добрите вина, но и по исклучително вредното културно наследство, импозантната сецесиска архитектура и силниот мултикултурен дух.

Град со повеќе од 200 имиња

Името Суботица првпат се споменува во пишаните извори во 1391 година под името Забатка. Во текот на својата долга и бурна историја, градот го менувал името повеќе од 200 пати, меѓу кои се Сент-Марија, Марија Терезиополис, Марија Терезиенштат, Сабадка и денешна Суботица.

Поради својата географска положба, долго време се наоѓал на границата меѓу две големи сили – Унгарското Кралство и Отоманската Империја. Пресвртница во неговиот развој се случила во 1779 година, кога добил статус на слободен кралски град, со што му биле доделени поголема автономија и бројни привилегии. Тогаш во градот почнале да пристигнуваат трговци, занаетчии, земјоделци и претприемачи од различни делови на Средна Европа.

Доаѓањето на железницата во 1869 година дополнително го забрзало развојот на Суботица. Трговијата со земјоделски и сточарски производи процветала, а индустријализацијата кон крајот на 19 век го претворила градот во модерен средноевропски урбан центар.

Името Сабадка, кое градот некогаш го носел, на унгарски значи „драго, слободно место“, додека денешното име Суботица се поврзува со Субота Врлиќ, војсководец и благајник на цар Јован Ненад Црни.

Цар Јован Ненад Црни и Суботица како престолнина

Легендата вели дека мистериозниот Јован Ненад Црни се појавил по поразот на унгарската војска од Турците во битката кај Мохачкото Поле во 1526 година. Прекарот Црни го добил поради темната линија што му се протегала од слепоочницата до петата.

Во војните со Турците успеал да освои делови од Бачка, Срем и Банат, по што прогласил сопствена држава, ја одредил Суботица за престолнина и самиот се крунисал за цар. Загинал во 1527 година во судир со унгарското благородништво.

Четири века подоцна, на годишнината од неговата смрт, во Суботица му бил подигнат споменик на главниот плоштад. Споменикот бил урнат во 1941 година за време на унгарската окупација, но е обновен и повторно поставен во 1991 година.

Повеќе од 20 национални малцинства

Денес Суботица е еден од најубавите градови во Србија, но и културно и управно средиште на Хрватите и Унгарците во Војводина. Различни националности и вероисповеди со векови живеат заедно, а во околината на градот се пронајдени и траги од населби стари повеќе од 3.000 години.

Во Суботица денес живеат повеќе од 20 национални малцинства. Во градот има бројни римокатолички и православни цркви, протестантски храм, џамија, како и една од трите активни синагоги во Србија.

Суботичката синагога, изградена во 1902 година според проектите на унгарски архитекти, претставува едно од најзначајните сецесиски зданија во регионот. Во 1974 година е прогласена за споменик на културата од исклучително значење. Препознатлива е по витражите, модерните архитектонски решенија и орнаментите инспирирани од унгарскиот фолклор – стилизирани ливчиња од рози, лилјани, каранфили и мотиви од пауново перо. Централната купола го симболизира универзумот, додека четирите помали куполи ги претставуваат страните на светот.

Сецесиски палати, плоштади и симболи на градот

Меѓу најзначајните сецесиски градби во Суботица се издвојува Градската куќа, со видиковец висок 45 метри, од кој се пружа поглед кон целиот град и околината. Тука се и раскошните палати на Јожеф Рожновски и Ференц Рајхл. Палатата Рајхл особено се истакнува по мозаиците од мурано стакло од Италија и фасадата украсена со уникатна Жолнаи керамика од Печух.

Суботица е позната и како град на плоштади. Вкупно ги има пет: Плоштадот на цар Јован Ненад, Плоштадот Јакаб и Комор, Плоштадот на слободата, Плоштадот Света Терезија, со кој доминира римокатоличката барокна катедрала од 1779 година, и Плоштадот на Републиката, каде што се наоѓа препознатливата Сина фонтана.

Палиќкото Езеро – зелена оаза

На само осум километри источно од Суботица се наоѓа Палиќкото Езеро, едно од најубавите излетнички места во Војводина. Езерото и истоименото населено место се познати по богатиот птичји свет, вклучувајќи чапји и галеби, но и по архитектонските објекти изградени на почетокот на 20 век.

Меѓу нив се издвојуваат водокула, Големата тераса, Музичкиот павилјон, Летната сцена и прочуениот Женски штранд – голем дрвен објект на вода, кој некогаш служел капачките да бидат заштитени од погледите на минувачите. Денес Палиќ е зелена оаза, идеална за одмор, прошетки и уживање во природата, подеднакво омилена меѓу локалното население и посетителите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk