Тресењето е најефикасниот начин на кој телото брзо создава дополнителна топлина кога е изложено на студ. Овие неволни контракции на мускулите ја одржуваат телесната температура, а дури помагаат и во борбата против инфекции.
Во студено време, телото може да се тресе и да трепери и покрај повеќеслојната облека, капите, ракавиците и шалот. Кога телесната температура ќе почне да паѓа, мозокот активира одбранбен механизам – токму тоа е тресењето.
Станува збор за брзо, неволно стегање на мускулите кое троши енергија и ја претвора во топлина. На тој начин телото се обидува само да се загрее и да спречи понатамошно ладење.
Што е тресење
Тресењето е природен и ефикасен начин на кој телото произведува топлина кога е изложено на студ. Брзите, неволни контракции на мускулите го зголемуваат метаболизмот, создавајќи дополнителна енергија која се претвора во топлина, со што се одржува стабилна телесна температура.
– Тресењето е начин на кој телото создава топлина кога ни е студено. Тоа се постигнува со контракции на мускулите. Тресењето може значително да го зголеми метаболизмот на телото, што може побрзо да нè замори. Тоа е навистина ефикасен начин за зголемување или одржување на телесната температура, но бара многу енергија – вели д-р Наташа Бујан, матичен лекар од Финикс, Аризона.
Што се случува за време на тресењето
Кога телото се обидува да ја зголеми или одржи телесната температура, можат да се појават следниве знаци:
- Неволно тресење на мускулите или треперење на телото.
- Чкрботење или чкрипење на забите, кое настанува кога вилицата брзо ги поместува забите еден кон друг.
- „Гускина кожа“ (мали испакнатини на кожата, познати и како наежување или пилоерекција), предизвикана од подигнување на влакненцата на кожата.
Хипоталамусот – „термостатот“ во мозокот
Како и кивањето или наежувањето, тресењето е неволна, физиолошка реакција – вграден „термостат“ на организмот, дизајниран да го заштити телото од прекумерна загуба на топлина и да го одржи нормалното функционирање.
Овој рефлекс е контролиран од хипоталамусот, дел од мозокот кој ја следи телесната температура.
– Хипоталамусот може да почувствува дури и мал пад на внатрешната температура на нашето тело. Потоа активира брза мускулна активност за да помогне во одржување на стабилноста – вели д-р Ромина Сифуентес, специјалист по семејна медицина на Универзитетот во Јужна Каролина, и додава:
– Тресењето е здрава и целосно природна реакција на студ. Тоа е како вграден термостатски одговор, создаден за да спречи хипотермија – опасна медицинска состојба кога телесната температура паѓа под 34 степени.
Што точно се случува во телото кога е студено
Телото има „термостат“ во мозокот (во хипоталамусот) кој постојано ја следи телесната температура. Кога ќе регистрира дека е премногу студено, активира заштитен механизам:
- Тресење (треперење) – брзо, неволно стегање и опуштање на мускулите.
- Мускулите при тоа трошат енергија.
- Таа енергија се претвора во топлина.
Зошто токму мускулите? Затоа што тие се најголемите „потрошувачи на енергија“ во телото. Кога работат, дури и без свесно движење, произведуваат многу топлина.
На која температура телото почнува да се тресе
Температурата при која телото активира тресење варира од човек до човек. Во просек, тресењето започнува кога телесната температура ќе падне под нормалниот опсег од околу 36,5–37 степени.
На прагот на тресење влијаат фактори како што се:
- возраста
- телесната маснотија
- здравствената состојба
- способноста на телото да се аклиматизира на студ.
– На пример, седумгодишно дете може брзо да почне да се тресе кога му е студено, бидејќи неговото тело е помалку ефикасно во регулирањето на температурата. Истото важи и за постарите лица, кај кои побавниот метаболизам, намалената циркулација на крвта и потенката кожа го принудуваат телото да работи повеќе за да ја одржи основната температура – објаснува д-р Сифуентес.
Кога тресењето може да биде знак за предупредување
Тресењето не е секогаш последица на студ. Може да се појави и како реакција на стрес, страв или возбуда, кога телото го активира природниот механизам „бори се или бегај“, а мускулите почнуваат неволно да се контрахираат.
Сличен процес се јавува и при треска, кога телото ја зголемува температурата за да се бори против инфекција – треската тогаш е начин за производство на дополнителна топлина.
– Интересно е што истите мозочни патишта кои ја регулираат температурата реагираат и на стрес и на болест. Така, на пример, треската поврзана со покачена температура значи дека телото се обидува да ја подигне својата зададена вредност – односно внатрешното подесување на термостатот – за да се бори против инфекцијата – објаснува д-р Сифуентес.
Според неа, екстремното или упорно тресење, особено кај постари лица или кога загревањето не ги ублажува симптомите, може да сигнализира посериозни здравствени проблеми. Во такви случаи, дополнителни знаци како замор, болки во телото или покачена температура можат да укажуваат на инфекција или друга медицинска состојба која бара стручна проценка.
– Ако чувствувате треска, а не ви е нужно студено, тоа дефинитивно е причина да се обратите кај матичен лекар за понатамошни испитувања – вели за списанието „Popular Science“ д-р Наташа Бујан.
Состојби кои можат да предизвикаат треска
Освен студот, треска можат да предизвикаат и различни здравствени состојби, како што се:
- Бактериски инфекции: листерија, пневмонија, инфекции на уринарниот тракт.
- Вируси, вклучувајќи грип.
- Паразитски инфекции, како што е џардијаза.
- Сепса.
- Одредени видови рак, како леукемија.
- Хипогликемија (низок шеќер во крвта) кај лица со дијабетес.
- Мамурлак и апстиненцијални симптоми поради злоупотреба на супстанции.
- Хормонални промени, како ноќно потење или топли бранови за време на менопауза.
- Психолошки фактори, вклучувајќи напади на паника, трауматски настани и посттрауматско стресно нарушување (ПТСН).
- Медицински зафати: треска често се јавува по општа анестезија поради привремен пад на телесната температура.
Во овие случаи, треската може да биде знак дека телото реагира на инфекција, стрес, траума или метаболичко нарушување и, во одредени ситуации, може да бара медицинска проценка.
Кога треба да се обратите кај лекар
Лекарите од Клиленд клиниката (Cleveland Clinic) истакнуваат дека треба да се побара стручна помош ако треската или чувството на студ се придружени со некој од следниве симптоми:
- Температура над 40 или под 35 степени кај возрасни и деца постари од три години.
- Температура над 39 степени кај деца на возраст од три месеци до три години.
- Температура над 38 степени кај доенчиња помлади од три месеци.
- Болка во градите или необјаснива болка.
- Екстремен замор.
- Силни болки во стомакот.
- Свиркање или отежнато дишење.
Како да се спречи треската
Треската може да се намали со едноставни превентивни мерки:
- Топло облекување – носењето повеќе слоеви облека овозможува прилагодување на температурата и спречува прекумерно потење, кое по изложување на студ може да ја намали телесната температура.
- Здрави навики – избегнување злоупотреба на алкохол и дроги, како и контрола на хронични состојби како дијабетес, му помагаат на телото да ја одржи нормалната функција на имунолошкиот систем.
Нега и лекување
- Покачување на телесната температура – слоевито облекување, престој во топла средина, како и топли напитоци (чоколадо, чај, кафе) можат да го ублажат чувството на студ.
- Лекување на основната причина – ако треската е последица на инфекција или друга здравствена состојба, терапијата зависи од причината: антибиотици за бактериски или паразитски инфекции; антивирусни лекови за вирусни инфекции; лекови без рецепт, како ацетаминофен или ибупрофен, за ублажување на симптомите на грип и треска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата