Британскиот ексцентричен аристократ, сер Бенџамин Слејд, повторно ја шокираше јавноста откако објави детална и прилично бизарна листа со услови кои мора да ги исполни неговата идна сопруга.
Слејд бара значително помлада партнерка која е подготвена да му роди машки наследник за да го продолжи семејното лоза и да го преземе неговиот огромен имот. Роден во 1945 година, тој зад себе има еден пропаднат брак за кој тврди дека завршил бидејќи сопругата чувала дури 17 мачки, додека претходната долгогодишна партнерка ја оставил во 2017 година кога таа наполнила 50 години, бидејќи веќе не можела да има деца.
Поради правилата за данок на наследство, кој во Велика Британија изнесува 40 отсто, Слејд бара жената да биде барем 20 години помлада за да може легално да ѝ го препише имотот без даночни давачки. Неговиот список со барања за потенцијалните кандидатки е долг и полн со необични забрани:
- Хороскоп и потекло: Идната сопруга не смее да биде Скорпија, пожелно е да има сопствен семеен грб и да потекнува од угледна фамилија.
- Географски дестинации: Забранети се жени од земји чие име почнува на буквата „И“ или имаат зелено знаме (со исклучок на Италија и Северна Индија). Исто така, експлицитно ги исклучил Шкотланѓанките, лезбијките и комунистките.
- Вештини и навики: Мора да има возачка дозвола, а предност е дозвола за хеликоптер. Не смее да пие алкохол, да користи дрога, ниту да го чита левичарскиот весник „Гардијан“. Мора да знае добро да танцува класични танци, но и вешто да ракува со сачмарка.
- Физички изглед и хоби: Не смее да биде повисока од 165 сантиметри, мора да биде во топ-форма, да сака пливање и пешачење, а во слободно време да игра бриџ, бекгемон и да решава крстозбори.
Што нуди овој богат лорд за возврат?
Свесен дека бара речиси невозможна комбинација, сер Бенџамин Слејд е подготвен богато да ја награди жената што ќе ги исполни неговите услови.
Тој нуди годишна плата од околу 58.000 евра за управување со неговиот раскошен имот во Самерсет, кој се простира на дури 1.300 хектари. Покрај платата, идната сопруга ќе добие сопствен луксузен автомобил, посебна куќа, целосно покриени трошоци за живот, храна и егзотични одмори.
Интересно е што Слејд веќе има вонбрачна ќерка со американска поетеса, која јавно ја признал, но вели дека никогаш во животот не ја запознал. Токму затоа, неговиот фокус останува исклучиво на пронаоѓање сопруга која ќе му роди машко дете за да го наследи неговото вековно аристократско богатство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата