logo
logo
logo

ИДЕИ ЗА ВАПСАЊЕ ЈАЈЦА: Уникатно и забавно

Vecer | 17.04.2025

ИДЕИ ЗА ВАПСАЊЕ ЈАЈЦА: Уникатно и забавно

Домаќинките утринава, пред зори го вапсаа првото велигденско јајце и веќе размислуваат која техника да ја одберат за остатокот. Повеќето велигденските јајца ги бојадисуваат на Велика сабота, ако и вие спаѓате во таа категорија, а размислувате какви ќе ви бидат овогодинешните јајца, еве мала помош:  

Традиционално (природно) боење јајца

Еден од традиционалните методи на боење јајца, кој никогаш не излегува од мода – е боење со помош на лушпи од црвен кромид, со чија помош се добива препознатлива црвена нијанса.

Потребни состојки: лушпи од кромид, главица кромид, литар вода, алкохолен оцет, масло и јајца.

За да добиете црвени јајца по природен пат, треба да излупите околу 15 црвени главици кромид. После тоа, натопете ја главицата во литар вода и додадете приближно 40 милилитри оцет.

Варете го кромидот 30 минути, а потоа процедете ја течноста и ставете ги јајцата во водата со кромид. Варете ги јајцата на силен оган околу 10 минути. Кога јајцата ќе се изладат, извадете ги од водата и премачкајте ги со масло за да бидат посјајни.

Меѓутоа, доколку сакате да бидете малку покреативни, можете да користите овошје или зеленчук за да постигнете различни бои на сосема природен начин.

Природни извори на бои се: куркумата (за жолта боја), цвеклото (за црвена боја), магдоносот (за зелена боја), боровинките (за сина боја), црвената зелка (за виолетова боја).

Без разлика на бојата, процесот на боење е ист: овошјето и зеленчукот исечкајте ги или изрендајте ги, а потоа потопете ги во вода. Додадете една лажица оцет, за да не пукнат јајцата. Гответе 15 минути. Процедете ја течноста, додадете ги јајцата во обоената вода и варете на тивок оган уште пет минути.

Боење со восок

За оние кои сакаат да вложат малку повеќе труд и да направат различни јајца, можете да го направите тоа со восок.

Потребни ви се: игла за украсување, восок од растопена свеќа, боја за колачи и секако, варени јајца.

За овој дизајн, прво ќе ги сварите јајцата. Потоа, со игла за украсување ќе нацртате шари на јајцата онака како што сакате, а потоа потопете ги јајцата во саканата боја и држете ги додека не добијат боја.

Сликањето со темперни бои е идеално за децата

Кој вели дека само возрасните можат да бојадисуваат јајца? Следниот метод е едноставен и безбеден за децата, бидејќи не вклучува готвење со бои. Се што ви треба се претходно варени јајца, а потоа започнува забавата.

Потребни се само три состојки: темперни бои, четки за боја и шеќер (или трошки од колачиња) по желба.

За овој метод, само изберете ги омилените бои и обојте ги јајцата. Додека бојата е сè уште свежа и влажна, можете да ги виткате јајцата во шеќер или трошки од колачиња, со што ќе изгледаат како да се покриени со сјај.

Експериментирајте со сода бикарбона и оцет

Ова е уште еден начин на кој децата можете да ги вклучите во бојадисувањето јајца. Со оглед на тоа дека сода бикарбоната реагира со оцет, овој метод дава интересен ефект на лушпата од јајцето.

Потребни состојки: варени јајца, боја за колачи, сода бикарбона, бел оцет, вода и четки за боја.

Во сад додадете четвртина шолја сода бикарбона, една и пол лажица вода и три до четири капки прехранбена боја. Блендирајте ја смесата додека не добиете густа паста (додадете вода доколку е потребно). Потоа, со четка нанесете ја смесата на јајцето. Конечно, прелијте го јајцето со оцет и гледајте ја реакцијата: боите ќе се излеат и ќе создадат интересни ефекти.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk