Одлуката на германската влада да воведе данок на засладени пијалаци од почетокот на 2028 година, како дел од здравствената реформа, ја разгоре дебатата за тоа дали државата претерано се меша во приватниот живот и во личниот избор на граѓаните, пишува Дојче Веле.
Според Министерството за здравство, овој намет би носел околу 450 милиони евра годишно, кои наменски би се инвестирале во здравствениот систем. Експертите предложија скалест модел според кој пијалаците со помалку од 5 грама шеќер на 100 милилитри би биле ослободени од данок, оние со 5 до 8 грама би се оданочувале со 26 центи по литар, додека за производите со над 8 грама шеќер наметот би изнесувал 32 центи.
Министерката за здравство Нина Варкен од ЦДУ ја поддржува мерката, но во рамките на нејзината партија постои загриженост дека ваквиот потег покажува преголема државна контрола и ги третира граѓаните како деца. Од друга страна, лекарите и нутриционистите сметаат дека данокот е неизбежен. Истражувањата покажуваат дека Германците внесуваат повеќе шеќер преку безалкохолни пијалаци во споредба со жителите на десетте најнаселени земји во Западна Европа, конзумирајќи во просек по 26 грама шеќер дневно само од пијалаци. Како позитивен пример се посочува Велика Британија, каде по воведувањето на слична мерка во 2018 година, внесот на шеќер падна на 16 грама, а производителите содржината на шеќер во пијалаците ја намалија за 35 отсто.
Прехранбената индустрија остро се противи на овој закон, тврдејќи дека тој нема да ги направи луѓето послаби и дека само ќе предизвика таканаречен „ефект на супституција“, односно купувачите ќе се префрлат на други благи производи. Дополнително, индустријата предупредува на зголемени бирократски трошоци кои на крајот ќе ги платат потрошувачите, што најмногу би ги погодило помалите компании и семејствата со пониски приходи. Сепак, јавно-здравствените експерти контрааргументираат дека токму посиромашните слоеви би имале најголема корист бидејќи тие се најмногу погодени од болести поврзани со дебелината и дијабетесот. Иако предлогот допрва треба да ја помине парламентарната процедура, експертите се сложни дека самиот данок не е доволен и дека е потребен поширок пакет мерки, како поздрава храна во училиштата и ограничување на маркетингот за нездрави производи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата