Иако пораснаа со паметни телефони и социјални мрежи во рацете, припадниците на Генерацијата Z (родени по крајот на 1990-тите) сè поактивно се обидуваат да го намалат времето поминато пред екраните. Низ светот со голема брзина се шири нов социјален тренд, забави без мобилни телефони. На овие собири, гостите уште на самиот влез ги оставаат своите уреди со цел максимално да се посветат на вистинското дружење во живо. Многу млади луѓе отворено признаваат дека постојаното „скролање“ на интернет им ги ослабело социјалните вештини и дека чувствуваат сериозен дигитален замор, пишува „Washington Post“.
Студентите во Њујорк ја покренаа револуцијата
Трендот влезе под лупата на светските медиуми откако „Вашингтон пост“ објави репортажа за студентите од Универзитетот во Њујорк (NYU) кои почнаа самоиницијативно да организираат вакви забави. Сè започнало кога универзитетот им понудил на студентите едноставен 30-дневен план за одмор од технологијата, но младите отишле чекор понатаму.
На овие настани, повеќе од 200 студенти при влегувањето ги ставаат своите телефони во специјални мали торбички кои не можат да се отворат до крајот на вечерта. Наместо да гледаат во екраните, младите седат на долги маси, разговараат со непознати луѓе и се забавуваат без притисокот од социјалните мрежи. Еден од учесниците по ваквото искуство изјавил дека оваа ноќ му сменила сè и дека сите забави во иднина треба да изгледаат така.
Фрапантни бројки за дигиталната зависност
Потребата за ваков радикален пресврт е поткрепена со загрижувачки податоци. Според независниот извештај „BePresent“, дури 83 проценти од припадниците на Генерацијата Z признаваат дека имаат нездрав и зависен однос со своите мобилни телефони. Истражувањата покажуваат дека најголемиот дел од нив поминуваат повеќе од пет часа дневно пред екраните, додека кај поекстремните случаи таа бројка надминува и осум часа активна употреба на телефон во текот на денот.
Психолозите веќе подолго време алармираат дека ваквиот начин на живот води до хроничен недостаток на сон, зголемена анксиозност, депресија и сериозен дефицит на реална социјална интеракција. Токму затоа, забавите без технологија стануваат нивниот нов филтер и алатка за ментално преживување, простор каде повторно се учи како природно да се разговара, да се стекнуваат нови пријатели и да се ужива во моментот без постојани дигитални нотификации.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата