Финска донесе закон со кој се ограничува употребата на телефони и други мобилни уреди за време на часовите во основните и средните училишта, поради страв од нивното влијание врз благосостојбата и учењето на учениците.
Според промените, кои беа одобрени од финскиот парламент оваа недела, а ќе стапат во сила на 1 август, мобилните уреди ќе бидат строго ограничени за време на часовите, објавува „Гардијан“.
На учениците ќе им биде дозволено да ги користат само со дозвола од наставникот за здравствени или образовни цели.
Финска е најновата европска земја што воведе законски ограничувања за употреба на телефони и други мобилни уреди во училиштата, во услови на растечки докази за нивното влијание врз децата и младите, вклучително и вниманието и самодовербата.
Порано оваа година, Данска објави дека ќе ги забрани мобилните телефони во сите училишта. Претседателот на Комисијата за благосостојба на земјата, Расмус Мејер, изјави за „Гардијан“ дека мерката е неопходна за да се спречи училиштата да бидат „колонизирани од дигитални платформи“ и го повика остатокот од Европа да го следи примерот.
Ограничувања за мобилни телефони воведе и Франција, која во 2018 година им забрани на учениците од основните и средните училишта да користат телефони во училишните простории, како и Норвешка, која неодамна објави строга минимална возраст од 15 години за користење на социјалните медиуми.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата