Европа минува низ драматична промена на времето, при што силен студен бран се пробива низ срцето на континентот, носејќи значително поладен воздух длабоко на југ и создавајќи услови за повеќедневен период на опасно време. Судирот на оваа студена воздушна маса со топлиот и влажен воздух над Средоземјето претставува класичен рецепт за појава на силни бури, град и обилни врнежи. Метеоролозите предупредуваат дека постои сериозна закана од суперќелиски бури, но и од поројни поплави.
Студениот бран веќе зафати голем дел од Европа, а најизразен пад на температурите се очекува во западна и централна Европа, како и на северниот Медитеранот. Утринските температури во многу краишта ќе се спуштат близу или под нулата, додека дневните максимуми ќе бидат за 10 до 15 степени пониски од просекот за овој период од годината. Најстуденото утро се најавува за сабота, кога постои реална опасност од појава на мраз во пониските предели, додека на Алпите и Пиринеите се очекува нов снежен бран со локална висина и до 50 сантиметри. Според метеоролошката служба „Severe Weather Europe“, меѓу најзагрозените подрачја се наоѓаат северна Италија, јадранскиот брег и дел од Балканот, каде се очекуваат силни ветрови и поројни дождови.
Овој голем студен бран ќе започне постепено да слабее кон крајот на викендот, по што веќе од почетокот на следната недела пристигнува уште една нагла промена на времето. Атлантската блокада ќе се урне, овозможувајќи му на топлиот воздух од југозапад брзо да се врати на континентот. Температурите експресно ќе се нормализираат и ќе се вратат во вообичаените вредности за мај, а во одредени региони ќе бидат и надпросечни, со можност за појава на ран бран горештини. Потоплото време најпрво ќе се прошири во западна и југозападна Европа, а потоа во текот на неделата постепено ќе се поместува кон исток.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата