logo
logo
logo

ХОРОР ШТО ГО ЗГРОЗИ СВЕТОТ - Ја заѕидал мајка си во подрум за да ѝ ја зема пензијата

Vecer | 16.07.2026

ХОРОР ШТО ГО ЗГРОЗИ СВЕТОТ - Ја заѕидал мајка си во подрум за да ѝ ја зема пензијата

Истрагата за шокантниот случај на 99-годишната пензионерка, чие тело беше пронајдено заѕидано во семејната куќа во австрискиот град Минхендорф, откри нови детали. Истражителите сега се обидуваат да утврдат колку долго по нејзината смрт продолжила исплатата на пензијата, а клучен доказ би можела да биде нејзината здравствена картичка, пишува „Хојте“.

Посмртните останки на жената беа пронајдени кон крајот на мај во ѕид покрај подрумот на куќата во Долна Австрија. Само неколку дена подоцна таа требало да го прослави својот 100-ти роденден.

Истрагата, по налог на Обвинителството во Виена, ја води криминалистичката полиција на Долна Австрија. Во меѓувреме, во Дубаи, врз основа на меѓународна потерница, е уапсен нејзиниот 57-годишен син, лекар, против кого е во тек постапка за екстрадиција во Австрија.

Тој е осомничен за тешка измама и нарушување на мирот на покојник. Истражителите се сомневаат дека жената починала пред повеќе години, а сега се обидуваат што попрецизно да утврдат кога се случила смртта.

Во тоа би можела да помогне токму нејзината здравствена картичка. Според австриските медиуми, последен пат била искористена околу 2015 година, кога е евидентирана последната посета на лекар и подигнување лекови од аптека. По тој период, според досегашните сознанија, повеќе не била користена.

И покрај тоа, пензијата на 99-годишната жена, наводно, продолжила редовно да се исплаќа. Според весникот „Кронен цајтунг“, таа примала околу 3.500 евра, и тоа 14 пати годишно. Доколку се потврди сомнежот дека починала пред околу десет години, вкупниот износ на исплатените пензии по нејзината смрт би можел да достигне најмалку половина милион евра.

Мотивот и околностите на случајот сè уште не се разјаснети. Одговорите се очекуваат од натамошната истрага, како и од евентуалниот исказ на осомничениот по неговата екстрадиција во Австрија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk