logo
logo
logo

ГРАДОТ ШТО Е ПОДГОТВЕН ЗА АПОКАЛИПСА: Финските подземни засолништа

Vecer | 07.05.2026

ГРАДОТ ШТО Е ПОДГОТВЕН ЗА АПОКАЛИПСА: Финските подземни засолништа

Едно саботно утро во Хелсинки, Ласи Куркијарви и неговата четиригодишна ќерка влегле во лифт во близина на пазарот Хаканиеми. По спуштање од речиси 18 метри низ гранитната „подлога“ на градот, девојчето потрчало низ тунелот кон огромното игралиште Леикилуола и исчезнало во лавиринтот со шумски мотиви.

Четириесет и петгодишниот татко на четири деца вели дека и самиот го сака подземното игралиште, додавајќи дека тоа е идеално за дружење на најмалите и им дава чувство на авантура.

Не е само детско игралиште

Сепак, вистинската намена на овој подземен простор е многу посериозна. Имено, Леикилуола не е само игралиште, туку и специјален бункер наменет за заштита на населението во случај на воена инвазија или нуклеарен напад.

Куркијарви признава дека долго време не размислувал за таа функција, сè до почетокот на војната во Украина.

„Тогаш првпат помислив: ‘Добро, ова всушност е и цивилно засолниште’“, се присетил тој.

Додека траат конфликтите во Украина, многу Финци повторно откриваат една од најнеобичните и најразвиените мрежи за цивилна заштита во светот ‒ системот Väestönsuoja.

За разлика од повеќето европски земји кои по Студената војна се откажаа од масовна изградба на цивилни засолништа, Финска не го направи тоа, пренесува „Њујорк тајмс.

Опција за најлошото можно сценарио

Денес, Финска е втора држава во светот по бројот на места во засолништа (прва е Швајцарија). Само во Хелсинки, град со околу 700.000 жители, постојат приближно 5.500 цивилни засолништа кои можат да го примат целото население ‒ па дури и повеќе од тоа.

Околу 50 засолништа се наоѓаат во огромни подземни комплекси врежани длабоко во карпите. Препознатливи се по ознаките со син триаголник на портокалова позадина.

Во секојдневниот живот тие служат како паркинг-гаражи, метро станици, скејт-паркови, картинг патеки, стрелачки центри, па дури и базени ‒ како познатата пливачка сала Itäkeskus.

На пример, во населбата Херттониеми постои огромно засолниште за околу 60 станбени згради и приближно 9.000 луѓе, додека еден од најнеобичните простори е Vapaan Taiteen Tila, каде што се одржуваат театарски претстави и уметнички изложби.

Меѓутоа, зад секојдневната намена се крие сериозна инфраструктура проектирана за најлошото можно сценарио. Сите засолништа се изградени така што можат да издржат уривање на згради, ударни бранови од експлозии и радијација.

„Војната во Украина промени многу работи. Во текот на 2022 година добивме огромен број повици. Луѓето постојано прашуваа: ‘Каде е моето засолниште?’“, изјавил Паси Ратикаинен од Градската спасувачка служба.

„Многу граѓани не ни знаеле...“

Градот ги издава подземните простори под закуп под услов тие да можат да бидат испразнети и повторно ставени во функција како засолништа во рок од 72 часа. Истото правило важи и за засолништата во станбените и деловните згради низ Хелсинки ‒ вклучувајќи станбени блокови, канцеларии, училишта и музеи.

Според законот, засолништата најчесто се наоѓаат во подрумите или приземјата на зградите. Помладите генерации Финци, кои не ја паметат Студената војна, главно знаат дека тие простории имаат специјални вентилациски системи за филтрирање радиоактивни честички и хемиски агенси, а најчесто ги користат за складирање велосипеди и новогодишни украси.

„Многумина не ни знаеја дека имаат засолниште. Сега, поради меѓународната ситуација, луѓето повторно ги откриваат“, изјавил шпанскиот фотограф Ериз Морено, кој почнал да ги документира засолништата во станбените згради по преселбата во Финска во 2020 година.

Некои огласи за продажба на недвижности го наведуваат „цивилното засолниште“ како една од стандардните карактеристики на станот или зградата. За жителите на постари или помали објекти, кои немаат сопствено засолниште, алтернатива се заедничките подземни комплекси врежани длабоко во гранитната карпа.

Градската спасувачка служба обезбедува мапа и телефонска линија преку кои граѓаните можат да го пронајдат најблиското засолниште.

„Градиме засолништа и отворено покажуваме дека ги градиме. На тој начин испраќаме порака и до потенцијалните противници ‒ имаме способност и средства да го заштитиме населението“, изјавил Паси Ратикаинен.

Нема прецизни податоци

Изградбата на првите засолништа започнала за време на Втората светска војна. Во почетокот, работниците користеле рачни дупчалки и колички за да копаат низ цврстата гранитна карпа. Како што технологијата напредувала, растела и големината на просториите.

Кога засолништето Itäkeskus било завршено во 1993 година, било доволно големо за во него да собере олимписки базен, водени тобогани, скокалници, фитнес-сала и сауни ‒ или дури 3.800 лица во случај на катастрофа.

Градските власти велат дека немаат прецизни податоци за вкупните трошоци за изградба на подземните системи. Од друга страна, Хелсинки има толку многу тунели и пештери што во 2011 година станал еден од првите градови во светот што усвоил официјален урбанистички план за подземниот простор.

Една од пештерите служи како Музеј на цивилна заштита, управуван од локалното Здружение за цивилна одбрана. Организацијата исто така обучува волонтери кои, доколку дојде до криза, би можеле да управуваат со засолништата.

„Мораме да имаме обучени луѓе ако избие војна, а интересот е огромен“, изјавил Јука Летирента, 69-годишен пензионер и претседател на управниот одбор на здружението.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk