logo
logo
logo

Зошто вашата индукциска плоча го губи сјајот?

Vecer | 13.05.2026

Зошто вашата индукциска плоча го губи сјајот?

Индукциските плочи се вистинска револуција во модерната кујна – тие се брзи, елегантни и неверојатно ефикасни. Но, иако изгледаат моќно, нивната стаклено-керамичка површина е чувствителна и бара посебно внимание за да го задржи својот првобитен сјај. Многумина од нас, во желба за брзо чистење, користат методи кои всушност прават повеќе штета отколку корист. Дознајте кои навики треба веднаш да ги промените за да го продолжите векот на вашиот омилен кујнски апарат.

Кои се најчестите грешки при чистењето со кои неповратно ја уништуваме индукциската плоча?

1. Го одложувате чистењето

Што подолго остатоците од храна или маснотии се таложат на плочата, чистењето ќе биде потешко и поголема е веројатноста трајно да оштетите некој дел од неа. Потребно е да се исчисти веднаш по секое готвење при кое намирниците дошле во допир со плочата. Истото важи и ако плочата била во допир само со вода, бидејќи на бигорот не му треба многу време за да се појави. Некои производители советуваат чистење по секоја употреба, без оглед на тоа што сте подготвувале.

2. Ја чистите плочата пред да се олади

Упатствата за користење на индукциската плоча се многу јасни – таа мора да се олади пред чистење. Секако, во брзање понекогаш го игнорираме тоа правило, па може да се случи обичната дамка дополнително да ја влошиме, што често се случува поради влијанието на топлината врз средството за чистење. Дамките сакаме да ги исчистиме, а не дополнително да ги „запечеме“, па затоа е важно да се придржувате до советот за целосно ладење на плочата.

3. Користите абразивни средства

Заборавете на какви било средства за чистење што содржат амонијак, хлор, киселини и други нагризувачки материи. Истото важи и за разни растворувачи, избелувачи, како и средства за отстранување бигор, 'рѓа или тврдокорни дамки. Доволна е само една капка од погрешното средство за да се нанесе штета на површината.

4. Ја чистите плочата со остри предмети

Што подалеку од груби четки, стругалки и сунѓери со жица, бидејќи со нив лесно можете да оставите гребнатини на стаклото.

5. Користите детергент за миење садови

Нивната употреба на прв поглед можеби изгледа логична, но всушност може да биде штетна. Во детергентите се наоѓаат разни материи за одмастување кои можеби не се соодветни за вашата индукциска плоча. Остатоците од детергент создаваат слој на плочата кој долгорочно ќе влијае на нејзиниот изглед и сјај.

6. Внимателно со содата

Пред чистењето добро проверете дали вашата плоча смее да се чисти со помош на сода бикарбона или средства на база на сода. Некои производители строго забрануваат користење сода при чистењето.

7. Заборавате да ја исушите плочата

На крајот од секое чистење, потребно е веднаш да ја исушите индукциската плоча со чиста крпа или со хартиена крпа за да спречите појава на дамки од вода.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk