Најмладата избрана градоначалничка во Јапонија повторно пишува историја. Со најавата за своето породилно отсуство, таа стана првата функционерка во земјата која се одлучила на ваков чекор, отворајќи жестока национална дебата за застарените и традиционално патријархални работни системи, пренесува Си-Ен-Ен.
35-годишната Шоко Кавата, која раководи со градот Јавата (префектура Кјото), треба да се породи кон средината на септември. Таа планира да земе вкупно 16 недели отсуство – осум пред и осум по породувањето. Иако правото на породилно отсуство во Јапонија е гарантирано за вработените во јавниот сектор, законите воопшто немаат предвидено ваква рамка за избраните функционери, со што Кавата влегува во правна „сива зона“.
Преку овој потег, градоначалничката се надева дека ќе предизвика системски промени:
„Се надевам дека ќе ги охрабрам не само вработените, туку и менаџерите и сопствениците на компании да ги прифатат родителството и раѓањето како нормални животни настани, воспоставувајќи баланс меѓу приватниот и професионалниот живот.“
За време на нејзиното отсуство, со градот кој брои околу 70.000 жители ќе управува заменик-градоначалник, иако таа најави дека редовно ќе ја проверува службената е-пошта од дома.
Остри критики на социјалните мрежи наспроти поддршка во живо
Веднаш по објавата, социјалните мрежи во Јапонија се вжештија. Дел од корисниците упатија остри критики, тврдејќи дека отсуството на првиот човек на градот е „трошење на парите на даночните обврзници“. Сепак, Кавата вели дека реалноста на терен е сосема поинаква и дека и граѓаните и администрацијата без двоумење ѝ дале поддршка да направи пауза.
Социолозите посочуваат дека јавната администрација во Јапонија сè уште робува на застарени претпоставки кои не соодветствуваат со потребите на современите жени на пазарот на труд. Промените се бавни – иако Јапонија лани ја доби својата прва жена премиер, жените и понатаму сочинуваат помалку од 15 отсто од Претставничкиот дом.
Длабока криза со наталитетот
Овој случај доаѓа во критичен момент кога Токио со децении се бори против енормниот пад на наталитетот. Земјата регистрираше само 671.236 раѓања во 2025 година, што е нов рекорден минимум и десетта година по ред со негативен тренд.
И покрај владините мерки – кои вклучуваат финансиски субвенции, поевтино домување и кампањи за породилно отсуство на татковците – експертите сметаат дека клучниот проблем лежи на друго место. Ниската стапка на наталитет е директна последица на длабоко вкоренетата јапонска култура на прекумерна работа и постојаниот раст на трошоците за живот кои ги одвраќаат младите од основање семејство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата