Во Австрија е уапсен маж осомничен дека ставил отров за стаорци во тегли со храна за бебиња, по што на полиците на супермаркетите низ централна Европа беа пронајдени контаминирани производи. Полицијата од Градишќе објави дека 39-годишниот осомничен е уапсен во федералната покраина Салцбург и дека неговото испрашување е во тек, додека австриската национална телевизија ORF известува дека станува збор за маж, пишува Sky News.
Покрената истрага и повлекување на производот
Истрагата беше покрената откако на 18 април беше откриен отров во тегла со храна за бебиња од германскиот производител HiPP, купена во супермаркет во Ајзенштат. Затоа, како мерка на претпазливост, HiPP ги повлече сите свои тегли со храна за бебиња од продажба во австриските супермаркети од синџирот SPAR, вклучувајќи ги продавниците SPAR, EUROSPAR, INTERSPAR и Maximarkt.
Производите беа повлечени и од полиците во Словачка и Чешка. По апсењето во саботата, HiPP во соопштението изјави дека се „крајно олеснети“ и најави дека ќе објават повеќе информации штом ќе станат достапни.
Производителот бил жртва на уцена
Државното обвинителство на Градишќе започна истрага поради сомневање за „намерно загрозување на јавноста“.
Компанијата HiPP потврди дека се „жртви на изнуда“, објаснувајќи дека неименуван „уценувач“ им испратил порака, по што веднаш ја известиле полицијата.
Откриени се пет контаминирани тегли
Полицијата во Градишќе минатиот месец објави дека верува дека теглите од 190 грама со каша од морков и компир за петмесечни деца, кои се продавале во супермаркетите SPAR, биле контаминирани.
Отровот бил откриен откако еден клиент пријавил дека теглата изгледа сомнително, но никој не ја консумирал дотичната храна за бебиња. Вкупно пет такви тегли биле запленети пред да можат да се консумираат, наведува австриската новинска агенција (APA).
HiPP потоа нагласи дека повлекувањето на производот не е „поради никаков дефект во производот или квалитетот од наша страна“ и дека теглите со храна за бебиња го напуштиле нивниот објект „во совршена состојба“.
Опасност од отров од стаорци
Според Австриската агенција за здравје и безбедност на храната, отровот од стаорци обично содржи бромадиолон, антикоагуланс кој спречува згрутчување на крвта. Консумирањето на таков отров може да предизвика крварење на непцата и носот, како и појава на модринки и крв во столицата. Агенцијата наведува дека симптомите може да се појават два до пет дена по внесувањето.
Токсиколошкото испитување на отровот пронајден во теглите со храна за бебиња е сè уште во тек, пренесува АПА.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата