logo
logo
logo

По забраната за нивно пушење, 50% ОД ЕЛЕКТРОНСКИТЕ ЦИГАРИ СЕ ПРОДАВААТ “НА ЦРНО“

Vecer | 28.03.2026

По забраната за нивно пушење, 50% ОД ЕЛЕКТРОНСКИТЕ ЦИГАРИ СЕ ПРОДАВААТ “НА ЦРНО“

Европското искуство покажува дека строгите ограничувања на алтернативните никотински производи често водат кон зголемување на нелегалната трговија. Овој тренд е особено видлив кај електронските цигари.

Според истражување на Fraunhofer Institute и MRU GmbH, објавено во февруари, околу 50% од електронските цигари во Европската Унија се тргуваат нелегално, со вредност од 6,6 милијарди евра.

Проекциите укажуваат дека овој пазар може да порасне до 11 милијарди евра до 2030 година. Растот е најзабележлив во земји со рестриктивна регулатива, што отвора прашања за ефектите од слични политики во Македонија. Покрај фискалните загуби, сериозен предизвик претставува и ризикот по здравјето од неконтролирани производи.

Големиот незаконски пазар крие непроценливи здравствени ризици за потрошувачите. Незаконските електронски цигари може да содржат непроверени состојки, чии ефекти не се предвидливи. Овој ризик може да се манифестира со акутно труење, што кулминира со долгорочни негативни здравствени ефекти. Големиот незаконски пазар ја загрозува и заштитата на малолетниците. Нелегалниот пазар ги игнорира контролите за возраста, што им го олеснува пристапот на младите луѓе до електронски цигари“, се истакнува во анализата

Од Институтот препорачуваат да се изнајде заеднички европски регулаторен пристап и ефикасни контролни механизми, кои вклучуваат координиран пристап и хармонизација на процедурите за одобрување, унифицирани стандарди за производи, хармонизирано оданочување, поефикасни контроли на увозот и поголема транспарентност на пазарот со цел да се воспостават безбедни услови за потрошувачите.

Земјите од ЕУ се водат од Директивата усвоена во Брисел, но таа ги поставува само минималните стандарди, а потоа областа се доработува од секоја земја поединечно. На пример, постојат големи разлики кај оданочувањето на производите. Најголем данок за течноста во вејповите поставила Словенија.

Иако неколку земји-членки, вклучувајќи ги Франција, Хрватска, Италија и Холандија, во моментов не наплаќаат специфична акциза за течности што содржат никотин, некои други земји наметнуваат значително повисоки давачки за е-течности.

На долната страна од опсегот се Унгарија (0,09 евра/мл) и Грција (0,10 евра/мл), додека највисоките стапки се наплаќаат во Литванија (0,63 евра/мл) и Словенија (0,70 евра/мл). Овие големи разлики го илустрираат хетерогениот даночен пејзаж и ценовните разлики помеѓу националните пазари, што пак потенцијално може да создаде заобиколување и нарушување на конкуренцијата. Оваа фрагментација може да ја поттикне прекуграничната трговија и појавата на нерегуларни пазари“, истакнуваат од германскиот Институт.

Неодамнешната забрана во Словенија за продажба на алтернативни никотински производи со вкусови и ароми, каква што предвидува и Македонија, доведе до значително зголемување на црниот пазар и тамошните инспектори спроведуваат засилени акции на терен.

По последната голема заплена на ароматизирани електронски цигари во Марибор тие истакнаа дека потрошувачите често не знаат дека производите, покрај тоа што се поевтини, тие содржат непроверени хемикалии и се произведени во неприфатливи хигиенски услови. Дополнително, се забележуваат и разлики на европско ниво во однос на начинот како државите поединечно решиле да ја намалуваат стапката на пушење.

Преваленцата на вејп производи во земјите-членки на ЕУ значително варира и ги одразува различните нивоа на прифаќање на овие производи меѓу населението. Додека во земјите со висока стапка на пушење, како што се Бугарија, Грција или Унгарија, вејповите се воведуваат побавно, во други случаи, како во западните и северните европски земји, постои зголемена тенденција за замена на тутунските производи со електронски цигари.“, се додава во анализата.

Аналитичарите предлагаат решенија како може да се избегнат нелегалните и непроверени производи на црниот пазар, кои доаѓаат од Кина, но одлучни се дека целосната или делумна забрана за продажба нема да помогне.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk