Денес, на 28 март, се одбележува Денот на мачките на Ермитаж и воедно националниот Ден на почитување на мачките во овој дел од светот.
Познатиот музеј Ермитаж, вториот најголем музеј во светот, се наоѓа во Санкт Петербург, некогашната престолнина на Руската Империја. Ермитаж е составен од шест згради, од кои само четири се отворени за јавноста. Прекрасниот музеј е сместен во градот на брегот на реката Нева и ги отворил вратите за посетителите дури во 19 век. Дотогаш, прилика да ги набљудуваат неговите вредни колекции имале само малкумина привилегирани луѓе, меѓу кои бил и славниот писател Александар Пушкин, некогашен сопственик на доживотен билет за посета на Ермитаж.
Во Ермитаж се изложени скоро три милиони експонати од целиот свет и од различни временски периоди, а меѓу нив има и многу ретки предмети кои не можат да се најдат никаде на друго место во светот. Ермитаж го чува армија луѓе, а меѓу нив се и четвороножните чувари – мачките, кои се грижат во музејот да не влезат непожелни посетители: глодарите.
Традиција стара три века
Ермитаж е познат по мачките, кои се околу седумдесет на број, и тие се грижат секогаш гладните глувци и стаорци да не најдат начин да ги оштетат скапите папируси, книги или други музејски експонати.
Мачките го започнале своето јавно музејско служење пред три века, кога Петар Велики од Холандија го донел големиот мачор Василиј и го поставил во Зимскиот дворец како дел од обезбедувањето. Василиј имал незгоден карактер, бил исклучително крупен и ги истребувал глодарите. Елисавета, ќерката на Петар Први, се плашела од глодари и го зголемила бројот на мачки во музејот. Дури и царицата Екатерина Велика, која не била љубител на мачки, дозволила тие да останат во музејот.
Единствениот прекин во службата на мачките во музејот Ермитаж се случил за време на опсадата на Ленинград (Петроград), кога уметничките дела биле евакуирани во Сибир. Екатерина Втора на мачките им доделила почесно звање „чувари“ и наредила кон нив да се однесуваат со многу почит.
Пасоши и посебна нега
Секоја мачка во Ермитаж има пасош со фотографија што го потврдува нејзиниот „работен“ однос. Секоја мачка има сопствено ремче, чинија, послужавник и корпа за спиење. Иако со мачките се постапува исклучително добро, тие не се премногу нахранети, за да не станат мрзливи и да не заборават на својата работа. Службата за безбедност се грижи за мачкиниот тим кој има свој секретар и ПР експерт.
Музејот секоја година е домаќин на Денот на мачките на Ермитаж, кога се одржуваат тематски изложби и се објавуваат книги посветени на овие четвороножни чувари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата