Научниците открија необична способност на морската краставица Psolus fabricii, вид што живее во Северниот Атлантик. Имено, одделни делови од нејзиното тело не изумираат како што би се очекувало, туку се обновуваат, растат и остануваат функционални со години по одвојувањето од организмот, пишува CNN.
Откритието се случило сосема случајно. Истражувачите забележале дека делови од цевчестите стапала, кои животното ги оставило прицврстени на ѕидовите на аквариумот, останале живи дури и по неколку месеци. Наместо да се распаѓа, ткивото продолжило да заздравува, да расте и да реагира на надворешни стимули.
За да проверат што се случува, тие проучувале одделни делови од нозете, пипалата и телото на морската краставица во лабораториски услови. Резултатите ги изненадиле: ткивата се обновиле, апсорбирале хранливи материи од морската вода и одржувале активен имунолошки систем, иако немале уста или дигестивен систем.
Раководителот на истражувањето, Сара Џобсон од Универзитетот Меморијал во Канада, изјави дека ова е првиот познат случај на „бесмртност на ткиво“ во природата. Одвоените делови не се развиле во нови единки, како што е познато кај некои други видови морска краставица, туку останале независни, функционални структури кои продолжуваат да живеат.
Истражувачите со љубов ги нарекуваат „зомби“ затоа што се наоѓаат на границата помеѓу животот и смртта. Ткивата се движат, реагираат на допир, создаваат нови клетки и не покажуваат знаци на распаѓање дури и по повеќе од три години.
Откритието покренува голем број научни и филозофски прашања. Зошто одвоените делови од ткивото би инвестирале енергија во преживување ако не можат да се размножуваат? Која е еволутивната предност на таквата способност?
Научниците веруваат дека ова истражување би можело да има важни примени во медицината. Подоброто разбирање на процесите на регенерација, заздравување на раните и стареење би можело да помогне во развојот на нови терапии за луѓето. Ткивата од морска краставица би можеле да станат и вреден модел за лабораториски истражувања, потенцијално како алтернатива на добро познатите HeLa клетки кои се користат во биомедицината со децении.
Дополнително, ваквите ткива би можеле да се користат за проучување на влијанието на климатските промени, загадувањето и патогените врз морските екосистеми. Следниот чекор ќе биде ДНК анализа за да се утврди дали овие клетки воопшто стареат за време на делбата.
Експерти кои не биле вклучени во истражувањето го оценуваат ова откритие како сосема ново во биологијата. Иако морските ѕвезди, морските ежови и морските краставици се познати по нивната извонредна способност за регенерација, не е забележано дека посебно ткиво може да преживее толку долго како независна, функционална единица.
Ова сугерира дека некои ткива може да имаат многу поголема способност за самоодржување отколку што се претпоставуваше претходно.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата