Високите летни температури создаваат идеални услови за невидливите непријатели во чиниите. Бактериите како салмонелата и ешерихија коли експоненцијално се размножуваат во она што стручњаците го нарекуваат „опасна зона“ ‒ температурен опсег помеѓу 5 и 60 степени Целзиусови, пренесува SFG. Бројот на микроорганизми во брзорасипливата храна може да се удвои на секои 20 минути.
Правилото наложува зготвената храна и лесно расипливите намирници да не се оставаат надвор од фрижидер подолго од два часа. Сепак, ова правило има клучен летен исклучок: кога надворешната температура ќе премине 32 степени, тој прозорец на безбедност се намалува на само еден час.
Месото, живината и рибата, сурови или печени, спаѓаат меѓу најризичните намирници поради високиот удел на протеини и влага. Посебно се опасни производите од мелено месо како плескавиците и ќебапите, бидејќи за време на мелењето бактериите се распоредуваат низ целата маса. Клучно е да се постигне соодветна внатрешна температура, што единствено сигурно се проверува со кујнски термометар. Живината би требало да достигне најмалку 74 степени, меленото месо 71 степен, а шницлите 63 степени за да се уништат патогените како салмонелата.
Речиси и да нема летно дружење без кремасти салати и десерти. Сепак, јадењата на база на млечни производи, јајца и мајонез ‒ како популарната француска или компир-салата ‒ се темпирани бомби на жештините. Меките сирења, млекото, павлаката и слаткарските креми се исклучително чувствителни. Јајцата, посебно суровите или недоволно термички обработените во сосовите, претставуваат значителен ризик од салмонела. Дури и ако се донесени од фрижидер, на масата под сонцето брзо достигнуваат опасна температура која му оди во прилог на развојот на бактериите.
Помалку очигледни, но исто толку опасни виновници за труења се варениот ориз, тестенините и исечканото овошје. Со готвењето, оризот и тестенините стануваат влажни и идеални за раст на бактерии. Слично е и со овошјето како лубеницата; кога ќе се расече заштитната кора, внатрешноста станува изложена на микроорганизми.
Најголемата опасност сепак демне од вкрстена контаминација. Користењето на ист прибор или даска за сурово месо, а потоа за готова храна, е сигурен начин за пренос на опасни бактерии врз храната која повеќе нема термички да се обработува.
За среќа, превенцијата е едноставна доколку се следат основните правила за ракување со храната.
Секогаш мијте ги рацете со сапун. Строго одвојувајте го суровото месо од готовите јадења; во преносниот фрижидер суровото месо чувајте го на дното, добро запакувано. Користете термометар за проверка на печеноста на месото. Храната чувајте ја покриена од инсекти. Остатоците ставете ги во фрижидер во рамките на пропишаниот рок, а доколку се двоумите за исправноста на некоја намирница, најбезбедно е да ја фрлите.
Ако сепак дојде до труење, симптомите како мачнина, повраќање и дијареја можат да се појават во рок од неколку часа до неколку дена. Клучно е да останете хидрирани со внес на вода и електролити. Избегнувајте лекови против дијареја, освен ако тоа не го препорача лекар. Доколку не можете да задржите течности или симптомите станат сериозни, побарајте лекарска помош, посебно кога станува збор за деца, постари лица или лица со ослабен имунитет.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата