logo
logo
logo

ТАЈНАТА НА СЕМЕЈСТВОТО ХОКИНГ: Шок-откритија во тајните шифрирани дневници на таткото на Стивен Хокинг

Vecer | 24.05.2026

ТАЈНАТА НА СЕМЕЈСТВОТО ХОКИНГ: Шок-откритија во тајните шифрирани дневници на таткото на Стивен Хокинг

Таткото на Стивен Хокинг, експерт за тропски болести, никогаш не можел ни да ги замисли подоцнежните достигнувања на својот син кога во својот дневник пишувал дека се грижи за него. Дневниците се дел од семејните документи и фотографии кои му биле отстапени на авторот на биографијата на Хокинг, наградуваниот писател и физичар, Греам Фармело.

Френк водел дневник повеќе од 60 години, а многу од записите ги пишувал во тајна шифра што Фармело успеал да ја дешифрира, преведувајќи повеќе од 200.000 зборови кои се однесуваат на детството на неговиот син, неговата болест, неговите два брака и неговата кариера како физичар од светска класа.

„Овој дневник првично бил напишан со грчко писмо за да се создаде едноставна тајна шифра и така да се обезбеди поголема приватност, што е неопходно за дневник кој би можел да падне во рацете на непријатели или на лесно ранливи блиски луѓе“, објасни тој.

Дневниците откриваат дека тој тешко се соочувал и се помирувал со нарушеното здравје на својот син.

„Сметам дека ова со Стивен е бавно и ужасно искуство. Неговиот говор е толку бавен и тешко се разбира, па разговорот е многу мачен. Многу ми е жал за него и ќе направам сè што можам, но не уживам да бидам со него“, открил Френк Хокинг.

Во септември, Фармело ќе ја објави првата биографија одобрена од фондацијата која се грижи за наследството на Стивен Хокинг, а издавач ќе биде „Џон Муреј“ (John Murray).

На Фармело му бил овозможен пристап до претходно непознат материјал ‒ од дневниците на таткото на Хокинг, па сè до писмата и дневниците на неговата мајка, Изабел. Документите досега се чувале во домот на сестрата на Хокинг, Мери.

„Беше тоа прекрасен, целосно неочекуван бонус кога добив пристап до овие дневници и трудови. Тие се извор на скапоцени информации за животот на Стивен Хокинг, особено неговите години на формирање и мачните месеци откако му беше дијагностицирана моторна невронска болест кога имаше само 21 година“, рече Фармело.

Тој додаде дека биографијата нуди искрен увид во израснувањето на Хокинг и дијагнозата на фаталната дегенеративна болест од 1963 година, која подоцна го остави речиси целосно парализиран.

„Животот би бил трагичен ако не беше смешен“

Хокинг ги надмина медицинските прогнози дека ќе почине во рок од две години и почина во 2018 година, на 76-годишна возраст откако се докажа како еден од најславните умови на нашето време, кој заврши револуционерна работа во космологијата и теоретската физика, истражувајќи ги мистериите на просторот, времето и црните дупки.

Неговите достигнувања станаа уште поинспиративни откако почна да користи инвалидска количка и можеше да комуницира само со помош на компјутер и синтисајзер за глас.

„Животот би бил трагичен ако не беше смешен. Моите очекувања беа сведени на нула кога имав 21 година. Сè оттогаш е само бонус“, изјави Хокинг во една пригода.

За својата најнова книга, авторот на биографијата Фармело ги интервјуирал најблиските членови на семејството на Хокинг, вклучувајќи ги неговите сестри, Мери и Филипа, првата сопруга Џејн и трите деца ‒ Роберт, Луси и Тим.

Биографијата со наслов „Хокинг“ ќе биде објавена на 24 септември.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk