logo
logo
logo

НОВ ЕНЕРГЕТСКИ ШОК ВО ЕУ - Дали Фејсбук и Гугл ќе ги испразнат џебовите на европските семејства?

Vecer | 28.05.2026

НОВ ЕНЕРГЕТСКИ ШОК ВО ЕУ - Дали Фејсбук и Гугл ќе ги испразнат џебовите на европските семејства?

Здруженијата за заштита на животната средина алармираат и бараат од Ирска и од Европската Унија итно да преземат мерки за да спречат експлозијата на нови дата-центри (центри за податоци) да ги соголи буџетите на домаќинствата преку огромни сметки за струја, пишува „Еурактив“.

Во извештајот на граѓанските организации „Beyond Fossil Fuels“ и „Friends of the Earth Ireland“, објавен во четвртокот, Ирска е посочена како класичен пример и предупредување за последиците од неконтролираната трка за изградба на дата-центри низ Европа. Според нивните проценки, ирските домаќинства во периодот од 2025 до 2034 година би можеле да платат помеѓу 726 милиони и 1,6 милијарди евра повеќе за струја. Оваа разлика зависи од брзината на развој на обновливите извори, потрошувачката и ризикот од нова енергетска криза.

Со речиси 100 активни дата-центри, Ирска има една од највисоките концентрации по глава на жител во светот. Овие капацитети во моментов голтаат дури 22 отсто од вкупната побарувачка на електрична енергија во земјата, со што вршат огромен притисок врз мрежата и принудуваат поголемо користење на гасните централи. На европскиот пазар, пак, цената на струјата ја диктира најскапиот извор што се користи (најчесто гасот), чија цена моментално е во плафон.

За време на последниот ценовен шок, влијанието на дата-центрите учествуваше со околу 8,5 отсто во просечната сметка за струја на ирските семејства. Невладините бараат итни заштитни механизми, особено сега кога Европската комисија има план да го триплира капацитетот на дата-центри во Европа во следните пет до седум години.

Како решение се предлага воведување зелен мандат: секој нов дата-центар да биде обврзан да користи најмалку 80% обновлива енергија и да се блокира нивната градба доколку инвеститорите самите не обезбедат нови, локални извори на чиста струја.

„Биг Тек“ пред потребите на луѓето

Ирската европратеничка Лин Бојлан бара правна рамка која структурно ќе ги стави потребите на луѓето пред интересите на големите технолошки компании. Нејзината матична партија Шин Фејн, која е во опозиција, веќе поддржува услов за 100% зелена енергија за овие објекти.

„Имаме стотици илјади домаќинства кои доцнат со плаќањето на сметките, инфраструктура која едвај издржува да поврзе нови домови и цени на струјата кои се повисоки од каде било на друго место во ЕУ“, децидна е Бојлан. таа е дел од триесеттината европратеници кои побараа од Комисијата да ги промени „ситните букви“ во Законот за дата-центри, за кои тврдат дека намерно го кријат вистинското еколошко влијание на овие капацитети.

Ова прашање станува клучно пред два клучни настани: објавувањето на ЕУ-системот за рејтинг на дата-центрите на почетокот на јуни и пакетот за енергетска ефикасност на 22 јули. Сепак, еколошките организации жалат што првичните амбиции за усогласување на овој сектор со климатските цели веќе се сериозно ублажени под притисок на лобистите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk